Во предизборие, кога тензиите и говорот на омраза и онака се на високо ниво, на само чекор пред добивање на датум за преговори со Европската унија и на само неколку денови по официјализирање на предизборната коалиција на СДСМ и Беса, ДУИ реши да менува табли и да преименува училишта. Која е вистинската болка на интегративците?
Зошто министерот за образование Арбер Адеми реши доцна завчера да ја објави информацијата за преименувањето на училиштата во Општина Чаир на својот Фејсбук профил, кога и тој и неговите сопартијци знаат дека периодот е пресензитивен и може да предизвика и меѓуетнички тензии?
Токму за евентуални меѓуетнички препирки и за истите подли начини за добивање на политички поени пред избори, зборува и Сашо Орданоски во неговата најнова колумна „Исто сценарио, стоти пат“.
„Пред секои избори, истите проверени финти: табли со нови имиња испишани на албански, кои можеле да се постават и пред два и пред 22 месеци, ама сега имаат специфична изборна „употребна“ вредност за да ги покачат меѓуетничките тензии… По што веднаш се објавуваат подготвените партиски соопштенија… Треба да се претпостави дека следуваат меѓуетничките „закачки“ по автобуси и во училишни дворови… Па повторно нови партиски соопштенија… Може и некоја посериозна тепачка да се организира, ако се извади некој дрвен крст или метален орел од специјализираните предизборни магацини за провокации… Е, тоа веќе заслужува патетични партиски прес-конференции за предавства и загрози… Па веднаш дузина дебатни емисии и расправии со познатите десетина ликови кои имаат за задача да ги засилат тензиите…“, вели Ордановски во колумната.
Не цели два дена, се кршеа копјата дали преименувањето на училиштата е спроведено законски или не.
Иако претседателот на СДСМ, Зоран Заев вчера рече дека промената на имињата на две училишта е спроведена низ незаконска постапка, денеска се одважи, се коригираше и на својата фан страница напиша дека по темелна анализа, правни тимови констатирале и го информирале дека промената е сепак законска, согласно членот 26 од Законот за основно образование, како и дека не било неопходно Бадинтерово мнозинство.
„Откако училишниот одбор донел одлука за измена на Статутот на училиштето со што се променува името на училиштето и се додава уставното име на државата, истата била потврдена и од страна на Советот на Општина Чаир. Бадинетерово мнозинство не било неопходно“, наведува Заев во објавата на Фејсбук.
Сепак, ако претпоставиме дека сè е по Закон, зошто токму сега? Дали ДУИ не може да заспие од „љубовни маки“? Дали можеби ДУИ уште се лути на според нив „непринципиелната“ предизборна коалиција СДСМ и БЕСА,, па се чувствува загрозено, затоа што комодитетот на ДУИ, партија со подолг владејачки стаж и од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде нарушен, а можеби и сосема ќе го снема.
За да биде болката поголема и лидерот на БЕСА, Биљал Касами вчера изјави дека коалиција со СДСМ ќе биде победник на изборите на 12 април и ќе го добие потребното мнозинство од 61 пратеник со што ДУИ конечно ќе оди во опозиција.
И. Т. З.





