Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, денеска во Кавадарци оствари средба со градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев, градоначалникот на Општина Неготино Тони Делков, градоначалникит на Демир Капија Лазар Петров, пратениците Панчо Минов, Даниела Колева и Лолита Ристова, како и претставници на здруженија на лозари и дел од лозаропроизводителите од овој регион.
На средбата е предложено до средината на наредната недела да се одржи состанок помеѓу МЗШВ и винариите со цел да се утврди откупната цена на грозјето за овогодинешната реколта и количини за откуп.
– Се предлага решавањето на проблемот со вишокот на грозје да се изврши со интервенција од државата. Заради нарушување на домашниот пазар на вино намалување на цените на поголемите извозни пазари предизвикани од Корона кризата, винариите доколку имаат потреба аргументирано да бараат соодветни реални мерки од државата, стои во соопштението од МЗШВ.
Се додава дека МЗШВ треба да ги информира нашите амбасади во соседните држави и трети земји за извоз на винско грозје по лански откупни цени.
На состанокот, како што соопштија од МЗШВ, се разговарало за екстремно ниската откупна цена на грозјето на една од винариите која деновиве беше објавена на социјалните медиуми.
– Очекуваме и винариите така да се однесуваат и дека тие ќе формираат прифатлива цена за откуп на грозјето од овогодинешната реколта, посочуваат во соопштението од МЗШВ.