„Јас немав можност да начекам стабилна општина, кога дојдов јас на позицијата градоначалник на Штип имаше три милиони денари во касата, недоволни ниту за една плата на вработените, а не пак да се мисли на инвестиции. Мислевме кредити да земеме, но со труд и посветеност успеавме да се извлечеме, да обезбедиме плати и да започнеме инвестиции. Затоа Штип е репер за другите градови како да се развиваат. Сашко Николов очекувам да го продолжи тоа што е започнато и Штип да биде во постојан развој.“- изјави поранешниот градоначалник на Штип, сега министер за транспорт и врски, Благојчо Бочварски, во настапот на социјалните мрежи.
Тој изрази недвосмислена поддршка за Сашко Николов, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Штип и ги соопшти проектите кои во наредниот период ќе бидат во фокусот на општината.
„Планот ни е на целата територија на Штип да го изедначиме квалитетот на животот, на сите граѓани. Имаме 30 години држава, а имаме населби кои немаат чиста вода за пиење и вложивме напори да донесеме чиста вода на некои места, но се уште траат активностите за изградба на водоводната мрежа во неколку населби. Кога сите овие водоводи ќе се завршат би биле голем исчекор. Се работи и на канализации во повеќе населби кои ќе продолжат во мандатот на Николов, правиме целосна реконструкција на прочистителната станица за да ја преземеме водата од хидро потенцијалот Злетовица за да го стабилизраме водоснабдувањето за 30 до 50 години.“ изјави Бочварски.
Дополни дека општината е вклучена во проекти во инфраструктурата и сето тоа е добра прилика луѓето да се направат посреќни.
„Тоа е она што мене ме прави среќен, еден потег кој сме го презеле да знаеме дека некому сме му ги подобриле условите за живот. Мостот на Брегалница беше започнат претходно, но беше само започнат, ние направивме и мост и осветлување и тоа е реално поодбрување и на протокот и на економијата. Преку министерството имаме проекти за помош на општините за инфраструктурни проекти. Николов ќе има секојдневна комуникација со министерството за да реализираме проекти во Штип. Ќе направиме многу за градот.“- увери Бочварски, кој три години беше на чело на општината пред да замине на работа во централната власт.