„Наша најголема грижа и фокус уште со стартот на кризата што ја донесе пандемијата со КОВИД-19, освен здравствената стратегијата за справување со коронавирусот, беше многу брзо да ги донесеме и спроведеме мерките за соодветен одговор на економската криза предизвикана од пандемијата. Тврдам дека тоа беа навремени и сериозни мерки за спас на работните места. Беа сеопфатни и водени од принципот никој да не биде изоставен, и така точно димензионирани, ги запреа трендовите кои се закануваа да бидат катастрофални, и создадоа услови за сите наредни мерки кој имаа за цел да ги закрепне и да ги заживее со нова динамика домашните економски дејности.“, истакнува премиерот Зоран Заев во интервју за „Капитал“.
Тој потенцира дека со четирите пакет мерки се помогнати најпогодените сектори од кризата, се осигурале работни места и се помогнале најранливите категории на граѓани.
„Креиравме четири пакети економски мерки за што обезбедивме над 1,2 милијарди евра или приближно 10% од нашиот Бруто домашен производ. Обезбедивме сигурност на работните места на граѓаните, одржлива потрошувачка, а ги помогнавме и најпогодените сектори од кризата, како и најранливите категории на граѓани. Ја исполнивме и нашата главна цел да ја задржиме, па дури и да ја подобриме функционалност на државата. Редовно се исплаќаат платите, пензиите, социјалната заштита, дополнително ги реализираме и споменатите мерки за поддршка на економијата и граѓаните. Никој не може да ни забележи дека сите мерки не ги донесовме на инклузивен начин, со соодветни анализи и во консултација со меѓународните финансиски институции, како и со националните релевантни чинители, економски експерти, стопански комори, организација на работодавачи, синдикатите, академската фела и граѓанскиот сектор.“, вели Заев.
Премиерот ја нагласува мерката за субвенции на плати и истакнува дека финансиски се поддржани околу 500.000 граѓани кои беа најпогодени со кризата преку директно префрлување средства на нивната трансакциска сметка
„Најголем ефект е постигнат со мерката за субвенции на плати, со која во последниот пакет отидовме и подалеку со скалест раст на поддршката во зависност од падот на приходите кај компаниите која изнесуваше до 21.776 денари. Мене ми е посебно драго што сочувавме околу 100.000 работни места и поддржавме околу 15.000 претпријатија погодени од кризата со финансирање на дел од платата на два пати по три месеци. Дополнително финансиски се поддржани околу 500.000 граѓани кои беа најпогодени со кризата преку директно префрлување средства на нивната трансакциска сметка, а поволните кредити преку Развојната банка за стопанството со исклучително ниска камата беа добредојдени и искористени од страна на домашните компании. Обезбедивме бесплатни тестови, средства за вакцини, поддршка на медицинскиот персонал.“, истакна Заев.
Тј подвлече дека економските мерки даваат резултат и нагласи дека значитолно се подобрени економските параметри, а најави и петти пакет економски мерки
„Се ублажи големиот пад на БДП од -14,9% регистриран во второто тримесечје од 2020 година и согласно податоците на статистика, за третото тримесечје од 2020 година, стапката изнесува -3,3%. Исто така, гледано по компоненти ќе се забележи дека по високиот пад на бруто – инвестициите од 34,4% во вториот квартал, во третиот квартал има раст од 4,2%, што се должи на растот на инвестициите во градежните работи, како и во машини и опрема. Во третиот квартал падот на потрошувачката е ублажен на -1,2%, од високи -9,1% во претходниот квартал. Тоа главно се должи на фактот дека јавната потрошувачка забележа раст од високи 13,5% на реална основа, што се должи на зголеменото трошење за поддршка на најпогодените категории од пандемијата. Несомнено е дека кризата се прелева и во првиот квартал на 2021 година за што го планираме и петтиот пакет економски мерки. Сѐ додека кризата трае, Владата со соодветни механизми ќе делува за ублажување на ефектите од пандемијата, состојбата ја следиме во чекор и адекватно реагираме. Државата е тука, како и до сега солидарно да помага на граѓаните и на реалниот сектор. Постигнатите ефекти се потврдени и од меѓународните финансиски институции, меѓу кои и во извештаите на Светска Банка каде се наведува дека состојбата би била многу полоша ако Владите во Западен Балкан, уште на почетокот на кризата не преземаа брзи мерки за ставање на здравствената криза под контрола и ограничување на економската штета.“, потенцира премиерто Заев во интервју за „Капитал“.
Ј. Ѓ.