Премиерот Заев оцени дека Владата следејќи ја состојбата во што најмногу се вложува во светот, се посветува на проектите од областа на енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии, кои обезбедуваат економски напредок.
– На местото на стариот рудник во РЕК „Осломеј“ сега се градат капацитети за 10 мегавати, а ќе се изградат уште две фотонапонски електрани од по 50 мегавати. Проценетата инвестиција е околу 60 милиони евра. Термоцентралата ТЕЦ „Неготино“ ќе се трансформира во гасна централа преку јавно – приватно партнерство или ќе се продаде. Можната инвестиција е од 200 до 500 милиони евра со нови 100 мегавати зелена енергија“, вели премиерот Заев додавајќи дека се обезбедени и грант средства за физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 мегавати во РЕК Битола и дека во првиот квартал од оваа година ќе биде објавен нов тендер за дополнителни 60 мегавати фотонапонски електрани и инвестицијата е над 35 милиони евра.
Заев во интервјуто се осврнува и на почетокот на изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2, со кој ќе се зголеми инсталираната моќност на постојниот ветерен парк Богданци за 13,8 мегавати, која ќе започне годинава. Инвестицијата е вредна 21 милион евра.