Направена е комплетна асфалтна санација на најоштетените делови на Граничниот премин Деве Баир и терминалот на преминот. Оваа реконструкција на патната инфраструктура на граничниот премин ќе резултира со бенефит за сите засегнати страни, известува директорот на Царинската управа, Горан Сугарески
Тој нагласува дека овој патен правец е еден од таквите на кои гледаме како значајна алка за извоз на македонските производи. Патниот правец Крива Паланка – Деве Баир е најфреквентен во товарниот сообраќај бидејќи транспортот на стока кон и од соседна Бугарија во најголем дел поминува на овој пат, вели Сугарески.
„Со зголемување на меѓународното значење на ГП Деве Баир и зголемената фреквенција на промет на патници и стоки во рамките на новиот проект кој е финансиран од Светска Банка се планира да се изврши проширување на преминот со изградба на по две дополнителни сообраќајни ленти на влез и излез од Република Северна Македонија. Исто така планирана е реконструкција на управната зграда на патниот премин, и реконструкција на пристапниот пат до терминалот за тешки возила заради негово непречено користење и во зимски услови. Во рамките на проектот се планира и изградба на нова пречистителна станица и поставување на нова колска вага“, информира Сугарески.








