Денеска во 12:04 часот (на пладне) по македонско време треба да започне втората квалификациона трка во дисциплината 100 м. слободно. На 4-тата патека ќе плива нашата пливачка надеж, 15-годишната Миа Блажевска Еминова.
Миа ја постигна Б-олимписката норма пред нешто повеќе од еден месец, на Меѓународниот пливачки митинг во Белград. Таа постигна време од 57:13 и со тоа го сруши македонскиот младински рекорд. Со тој резултат освои вкупно 741 ФИНА бод што ја прави најдобра пливачка во Македонија.
Секое подобрување на нејзиното најдобро време (57:13) би требало да се смета за успешен настап, а не е далеку денот кога Миа ќе го собори и апсолутниот државен рекорд на Анастасија Богдановски, во време од 56:50. На 15-годишна возраст веќе е многу блиску до тој резултат.
Изјава од Миа Блажевска Еминова пред почнување на Олимпијадата во Токио: „Ова беше моја голема желба, за чие остварување многу напорно работев. Секој ден станувам во шест часот наутро, прво одам во теретана, па потоа на базен. Од четири часот попладне одам на вториот тренинг. Се откажав од многу нешта за да стасам до тука. Среќна сум, прекрасно се чувствувам.“
А. Лукароски