Северна Македонија и Унгарија имаат успешна одбранбена соработка. Како сојузници во НАТО, работата на нејзино интензивирање преку заеднички вежби и обуки, заклучија на денешната средба министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорот на Унгарија во нашата земја, Ласло Дукс.
Министерката Петровска истакнала дека Унгарија беше голем поддржувач за членство на Северна Македонија во Алијансата, но и за почетокот на пристапните преговори со Европската Унија. Преговорите со Унијата, стои во соопштението од МО, ќе дадат исклучително голем придонес и ќе бидат позитивен импакт за развој на целокупното општество.
– Пристапниот процес, а потоа и членството во Унијата ќе влијаат на поголема стабилност и безбедност на земјата и на регионот, рекла министерката Петровска.
Амбасадорот Дукс истакнал дека Унгарија и Северна Македонија се сојузници и оти државата може да продолжи да смета на целосната унгарска поддршка за почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
Петровска и Дукс се согласиле дека соработката може да се развие особено во доменот на експертската помош во модернизацијата, имајќи предвид дека и двете земји се влезени во процес на модернизација на вооружените сили.




