Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата одржана на 31 јануари 2022 година, врз основа на примена жалбa од Богдан Илиевски, ја донесе следната одлука: Интернет – порталот „Фронтлајн“ со текстот насловен „Бетмен распали по Данела и БЕГ: Најнеспособни суштества од постоењето на светов“, го прекрши Кодексот на новинарите на Македонија во членот 13.
До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на 17 јануари 2022 година, Богдан Илиевски поднесе жалба за текстот со наслов „Бетмен распали по Данела и БЕГ: Најнеспособни суштества од постоењето на светов“, објавен на 14 јануари 2022 година, на интернет – порталот „Фронтлајн“ (www.frontline.mk). Во жалбата се наведува дека текстот содржи неточно и нефер известување, мешање на факти и мислење, вест и коментар, пристрасност и неурамнотеженост во информирањето. Жалителот Богдан Илиевски дополнува дека градоначалничката на град Скопје воопшто не била спомената во неговиот Фејсбук статус, кој е искористен во текстот на „Фронтлајн“.
ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ
Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со интернет – порталот „Фронтлајн“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Главниот и одговорен уредник на медиумот, Џабир Дерала одговори на наводите на жалителот. Toj вели дека оспорената содржина не е известување, ниту мешање на факти и мислења, како што посочува жалителот, туку се работи за коментар, јасно назначен како главна рубрика над насловот на текстот. Во оваа насока, посочува дека не гледа ништо спорно да се коментираат или извлекуваат заклучоци од јавни објави на социјалните мрежи.
Дерала, меѓу другото, додава дека со жалителот имале комуникација преку Вибер, при што му посочил на Илиевски дека може да го коментира или демантира текстот и дека демантот би бил објавен од страна на „Фронтлајн“.
Главниот и одговорен уредник на „Фронтлајн“ воедно изрази и подготвеност за, како што вели, позитивно решение на недоразбирањето со жалителот. Оттука, Извршната канцеларија на Советот за етика иницираше процес на медијација меѓу двете страни, но жалителот Илиевски посочи дека нема желба да учествува во процесот. Тој побара од Советот да ги разгледа наводите на жалбата и спорната содржина и, врз основа на тоа, да донесе соодветна одлука. Појасни дека самиот не го спорел делот дека текстот е објавен во рубриката „Коментари“, туку невистинитоста на текстот. Илиевски потенцира и дека поканата од Дерала до него да ја коментира или демантира веста дошла откако оспорениот текст веќе бил објавен и откако жалителот се обратил до уредникот на „Фронтлајн“.
Комисијата за жалби утврди дека жалбата е ОСНОВАНА и едногласно одлучи дека Кодексот на новинарите на Македонија е прекршен во членот 13.
„На седницата на 31 јануари 2022 година, Комисијата за жалби ги разгледа наводите на жалителот и изврши увид во спорната содржина.
Комисијата, најнапред, утврди дека се работи за коментар, новинарски жанр, кој сам по себе дозволува послободен израз, преку кој авторот може да ги искаже своите ставови и вредносни судови. Но, во исто време, Комисијата се согласи дека дури и кога станува збор за коментари слободата на изразување не е апсолутна и неограничена и дека фактите врз кои се темелат ставовите мора да бидат точни и веродостојни. Во овој контекст, авторите треба да се потпираат на правилото на „фер коментар“, што во текстот на „Фронтлајн“ не е испочитувано.
Комисијата утврди дека предмет на новинарска обработка е фејсбук статус на Богдан Илиевски, поврзан со енергетската криза. Се работи за јавна личност чии ставови можат да имаат влијание при креирањето на јавното мислење и, оттука, пренесувањето на неговите мислења од страна на „Фронтлајн“ е целосно легитимно.
Сепак, став на Комисијата е дека начинот на којшто авторот го коментира и извлекува заклучоци од статусот на Илиевски не е објективен и во согласност со фактите. Илиевски, кој е жалител во оваа постапка пред Советот за етика, ниту посредно, ниту индиректно не го споменува името на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Спротивно на тоа, во самиот текст на „Фронтлајн“, особено во насловот, Арсовска експлицитно е посочена како мета на критика на Илиевски.
Оттука, членовите на Комисијата заклучија дека во насловот погрешно и неточно се наведува како факт дека Илиевски „распалил по Данела и по Бег“. Понатаму, во самата содржина, ваквото тврдење на авторот варира од ниво на претпоставка, преку слободно толкување до изнесување логичен заклучок:„Богдан Илиевски…. распали по БЕГ и по се изгледа, ако се следат нејзините обврски, и по градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска за парното. „Со овој статус тој го напаѓа БЕГ…. но истиот може да се однесува и за градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска која според Законот за енергетика е одговорна за снабдување на градот со топлотна енергија. „Затоа, ако постот ги критикува одговорните за парното, дел од коментарот мора да е наменет и за Арсовска.“
Ваквата поставеност на фактите во насловот и во самата содржина не соодветствуваат едни со други, а таквиот новинарски приод се коси со членот 13 од Кодексот на новинарите, кој налага дека „новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.“
Генерална оценка на Комисијата е дека интернет – порталот „Фронтлајн“ се обидел, но не успеал на јавноста прецизно да ѝ го пренесе изворниот став (фејсбук статус) на Богдан Илиевски. Ова уште повеќе што медиумот поставил наслов кој може да се оцени како наведувачки, дури и манипулативен, а ако се суди според праксата, јавноста неретко да се задржува само на насловите и да ги прима како факт, оспорениот новинарски производ, несомнено, можел да ја доведе публиката во заблуда. Во оваа насока упатува и начелото од Кодексот на новинарите дека насловот на текстот мора да одговара со неговата содржина.





