САД тврдат дека Русија го зголемила бројот на војници на границата со Украина за 7.000, и покрај изјавите на Кремљ за повлекување на војската. Неименуван висок функционер на американската администрација изјави за Асошиетед прес дека Русија продолжува да шири лажни тврдења што може да ги искористи како изговор за инвазија. Како пример, тој ги наведе извештаите на Кремљ за гробови на цивили наводно убиени од украинските сили, тврдењата дека САД и Украина развиваат биолошко и хемиско оружје и дека Западот испраќа герилци да убиваат Украинци. Претставникот, според АП, не обезбедил никаков доказ за неговите тврдења, пренесува Слободна Европа.
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека повлекува дел од војниците по воените вежби кои предизвикаа стравувања од неизбежна инвазија на Украина, и објави видео на кое силите наводно го напуштаат Крим како доказ. „Не видовме повлекување“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен за ABC News. Тој изјави дека армијата е на граница и дека рускиот претседател Владимир Путин „може да го повлече чкрапалото денес, утре или следната недела“.
Maxar Technologies, комерцијална компанија за сателитски снимки која го надгледува трупањето на руската војска, соопшти дека новите фотографии покажуваат зголемена руска воена активност во близина на Украина, вклучително и изградба на понтонски мост во Белорусија на помалку од шест километри од украинската граница. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Алијансата исто така не гледа „повлекување на руските сили“.