Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД имаат разузнавачки информации кои покажуваат дека рускиот претседател Владимир Путин донел конечна одлука за инвазија на Украина, отфрлајќи ги обидите за дипломатско решение на кризата, објави Њујорк Тајмс.
„Имаме причина да веруваме дека руските сили планираат да ја нападнат Украина во текот на наредната недела. Веруваме дека тие ќе го таргетираат главниот град на Украина Киев, град со 2,8 милиони невини луѓе“ – изјави претседателот Бајден
Запрашан дали мисли дека Путин сè уште се колеба дали да изврши инвазија, Бајден, повикувајќи се на разузнавачките извои, одговори:
„Убеден сум дека тој ја веќе ја донел одлуката.“
Коментарите на претседателот, втори во последните три дена, се најјасни показатели за тоа колку светот може да биде блиску до катастрофален конфликт во Европа. Претходно, претседателот и неговите највисоки соработници за национална безбедност изјавија дека не знаат дали Путин донел конечна одлука да продолжи со неговата закана од инвазија.
Сепак, Бајден ја замоли Русија „да избере дипломатија“.
„Не е доцна да се деескалира состојбата и да се вратиме на преговарачката маса“, рече Бајден.
В среда идната недела се најавува средба меѓу државниот секретар Антони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи, Лавров.
„Ако Русија преземе воена акција пред тој ден, ќе биде јасно дека ја затвориле вратата за дипломатијата“ – рече Бајден.
Бајден беше директен во врска со неговото верување дека војната меѓу Русија и Украина може да биде неизбежна. Но тој, исто така, вети дека Соединетите Држави и нивните сојузници се обединети зад воведувањето строги економски санкции доколку руските сили ги преминат границите на Украина.
Изјавите на претседателот Бајден следуваат по новата проценка на американските служби со седиште во Европа, дека Русија има околу 190.000 војници концентрирани на украинската граница и во двата промосковски сепаратистички региони – Доњецк и Луганск.
преземено од ЦивилМедиа