Еве ја новата доктрина на Русија.
Ја презентира Петр Акопов, колумнист во РИА Новости, новинар кого го сметаат за човек кој ги комуницира идејните аспекти на кремлинската политика.
Човек близок до Путин.
Имајте трпение да го проследите овој сублимат.
Врзете се, полетуваме.
“Пред нашите очи се раѓа нов свет. Руската воена операција во Украина отвори нова ера-во три димензии одеднаш и, се разбира, во четвртата, внатрешна руска. Тука почнува нов период, како во идеологијата, така и во самиот модел на нашиот општествено-економски систем. Русија ја обновува својата историска полноќа, го собира рускиот свет, рускиот народ- во својата целина, Великоруси, Белоруси и Малоруси. Русија не само што го предизвика Запад, туку и покажа дека ерата на западната глобална доминација може да се смета за целосно и конечно завршена. Новиот свет ќе го градат сите цивилизации и центри на моќ, се разбира со Запад (обединет или не), но не под негови услови и според неговите правила…
На 24 февруари почна нова ера во светот. Но, што е уште поважно, почна нова ера во животот на Русија. Земјата се ослободува не само од илузиите за Запад: се ослободува од западното влијание, дури и пошироко, од отуѓувањето, имитацијата, грчењето и зависноста од странците (првенствено идеолошки и духовно). Тоа е наша хронична болест, во активна фаза е од 18 век. Или од неа сме тешко разаболени или скоро сме оздравени. Доминацијата на Запад го доведе светот до вредносната задача на универзализацијата и атомизацијата, на обединувањето во “ единствено човештво”, до бришење на националните кодови и обид за замаглување на основните полни разлики и уништување на семејството како такво. Сега имаме единствена прилика да добиеме имунитет, да станеме самодоволни затоа што и самите направивме чекор на кој Запад можеше да одговори само со обид да не исфрли од светската заедница. Немаме право да ја пропуштиме оваа прилика…
Градиме нов систем кој не може да биде изграден без деконструкција на Атлантскиот сојуз.
Внатре градиме систем кој ќе биде втемелен на нематеријални вредности, на супериорноста на духот над телото, на служењето над имотот, без самопонижување и желба да се живее како во странство…”
Ете, почитувани, тоа е големата слика, новата идеологија и филозифија, новата доктрина на Кремљ.
Новиот светоглед со кој Русија сака да се менува себе си и да го менува светот.
Морам веднаш да кажам дека ова ми зрачи со некоја, како да речам, инфантилна амбициозност, со кафеанско скицирање на иднината на човештвото на мрсни салветки, од страна на мало пијано друштво кое, меѓутоа, располага со ресурси кои му сугерираат дека силата, историскиот момент, супериорноста, воена и морална, историските легитимации, слабостите на досегашните хегемони, со еден збор СЕ, е на нивна страна и дека се што треба да направат, е да дадат знак за почеток на реализацијата на овој епохален проект.
Така и се случи.
Стартерот го впери пиштолот во лицето на светот и даде знак за почетокот на големата калварија.
Така беше нападната Украина и еве веќе трета недела како траат невидените масакрирања на луѓето, животните и куќите, на фабриките, школите, родилиштата, градинките, семафорите, пругите, браните аеродромите-на се.
На се што мрда и особено на се што не може да мрдне.
Од аспект на Москва Украина е показна вежба на тоа како треба да изгледа светот и Русија откако Москва ќе го ослободи од канџите на Запад.
Особено светот кој ќе реши да се спротивстави на новиот мoдел на себе.
Супериорност на духот над телото.
Особено над мртвото тело.
Втемеленост на нематеријалните вредности.
Особено ако материјалните се уништени.
На служењето пред и над имотот.
Особено ако имотот е уништен, а служењето е поведение со животот како хипотека пред гасениците на некој тенк.
Значи утврден е датумот на раѓањето на новиот свет.
Запишан е во матичното одделение на Кремљ.
Имаме административно воспоставување на новата ера.
Со одлука.
Комплетна воспостава на нов вредносен систем кој е комплетно ослободен од сите вредност, освен од служењето, ако е тоа некаква вредност.
А се прикажува дека е бидејки служењето се смета за служење на империјата.
Која е над се.
Над поединецот и неговиот живот-особено.
Што да се каже, почитувани пријатели.
Решиле да раскинат со наследството на Петар Велики и Катерина Велика, со европскоста во своите темели и да градат самодоволност.
Колку е тоа лудо?
Нема мерка за тоа.
Не е измислена.
Можеби 1000 Гигапутини (ГП).
Или така некако.
Но, тавариш Актов, Запад не е направен така што некој Путин од оваа страна на светот решил да го направи. Запад е резултат на милениумски развој, акумулација на резултати, на процеси, на раѓање и умирање на идеи, на војни, на откривања и освојувања, на победи и порази, на просветлени водачи и луди кралеви, на верски фанатици и верски реформатори, на вселенски дострели во музиката, книжевноста, сликарството и скулптурата, во урбанизмот и архитектурата, во науката, во филозофијата, во техниката и технологијата, резултат на револуции и контрареволуции, на државите и нациите, на идеите на правда и на праксите и на неправдата, на идеите за слободата измрежени со ропства и геноциди, со цел еден Холокауст, ефект на милиони жртви и подвизи. Никогаш не постоела некоја Украина која требала да се уништи за да се роди некаков Запад. Нема таква работа.
Второ, демонополизацијата на Запад беше многу напреднат процес во кој учествуваше и Русија. И Кина. И Индија. И други субјекти и констелации низ светот учествуваа во релативното опаѓање на моќта на Запад во светските работи и во јакнењето на улогата на други сили во светската геополитика. Двополарноста е одамна уништена, краткотрајната неуспешна еднополарност исто така. Уште Рорти има напишано дека Америка не успеа да го уреди светот по свoја мерка. Со многу сериозната рехабилитација на руската позиција која во континуитет во последните 20 години, под водството на Путин, растеше.
Ова силување на светската историја нема да го сопре пресложувањето на светските влијанија по линијата што ја диктира објективноста, односно закономерноста на развојот, но руската интервенција во тие процеси е обид во еден високософистициран свет да се наметне доминацијата на територијалниот и етнички, односно расен принцип, носен на крилјата на воената моќ, со доктрина која греши во самата идејата за моќта како темел на тоа што сака да го наметне, а која во новото време не се мери само во ракети и тенкови и отрови.
Русија е испразнета од идеи.
Од вредности.
Што Русија сака да му наметне на светот.
Освен себе.
Има ли таа уште нешто.
Некоја вера, некоја нова слобода, нова конституција, нова надеж, нов начин на превоз, ново сметање на времето, нов систем во фудбалската игра. Нов рокенрол. Победа над гравитацијата. Забрзување на еволуцијата.
Што?
А?
Ништо!
И зошто воопшто Русија стана фаворит на глупаците, нацистите, популистите, кретенчугите по светот. И еве тука во Македонија. Зошто Киев не ја сака Москва колку што го сака Брисел. Зошто сите бегаат и се плашат од Русија, како на времето сите југословенски народи и државички од Србија на Милошевиќ. Ние поминавме низ тоа.
Мислам дека основниот страв кај Путин доаѓа од европеизацијата на Русија. Тоа се гледа во доктрината. Од културната индоктринација на која Русите се самоизложуваат во светот во кој можат слободно да патуваат, работат, инвестираат, живеат, учат.
Од новата културна матрица која денес-утре ќе му рече на лудиот диктатор: Море, марш оттука, бре!
Ова со Украина е сечење на тие преобразби на кои во Кремљ гледаат не само како на голема опасност за Путин, туку и за руската империја.
На почетокот на кризата напишав дека Киев може да биде дупка низ која ќе издише рускиот империјален балон. Сега сум убеден дека ќе биде така. Од целата кампања Русија ќе излезе ослабната, испразнета не само од полноќата што мислеше дека ја освојува туку и од таа што ја имаше пред инвазијата врз Украина.
Не го исклучувам и распадот.
Кина може да биде дури и на страната на Русија ако знае дека таа помош ќе ја стимулира Москва да презема чекокори кои де факто ќе ја слабеат.
Со злосторствата во Украина Русија се збогува со блиската историска легитимација, ги компримитира херојството и моралната супериорност изградени во текот на Втората светска војна.
Сталин го урна револуционерниот ресентиман по светот, Путун го урива антифашистичкото полнење и модернитетот, го затвора хоризинтот и затвора 200 милиони луѓе.
А на една милијарда, можеби и повеќе, им ја менува орбитата.
Страшна работа.
Светот ќе плати висока цена, но како и во Втората светска војна, ќе победат силите на прогресот, силите кои се продукт и кои продуцираат вредносни системи, кои не се без тешки компромати, но тоа е животот. Идеални модели нема.
Има само модели кои водат кон идеалите.
Тоа е.
Фејсбук статус на Бранко Тричковски