Видни домашни експерти и општествени титулари од областа на финансиите и банкарството, говореа на настанот за ефектите на кризниот период, актуелните настани во државата на економски план и предвидувања за идните текови.
Македонската, па и глобалната економија, влегуваат во последователна криза, веќе трета година. Имено, како што се констатираше во воведот, оваа кризна година ако направиме една објективна анализа на македонскиот банкарски систем, таму, може да се забележи состојба во која преовладува реален оптимизам истовремено со присуство на голема претпазливост од страна на регулаторот во монетарниот систем.
Според експертите не треба да сме многу упатени за да согледаме дека банките си ја вршат нивната работа, добро, иако е кризна година, и тоа трета по ред. Но, тука, важно е, како стопанството и граѓаните ја поднесуваат кризата?
Трпески: Трошоците за живот се главни двигатели на инфлацијата
Во неговото излагање, Љубе Трпески, македонски економист, универзитетски професор, поранешен министер на македонската Влада и поранешен гувернер на Народната банка нагласи дека причините за појава на инфлацијата се општо познати, во целиот свет па и кај нас.
-На студентите, за ваквите теми, им предававме на економскиот факултет како класичен пример на инфлација на трошоци, а трошоците се главни двигатели на ваквата инфлација и тоа, трошоците од порастот на енергенсите и порастот на храната во светот. Повод е ова што се случува во Украина. Кај нас, пак, има уште еден трет фактор, како мала земја, за поратот на цените, а тоа се инфлациските очекувања, додаде проф. д-р Трпески.
Според него, кога има класичен пример на инфлација на трошоци, тука, монетарната политика нема простор за делување или не е толку ефикасна како што се мерките кои се преземаат со фискалната политика.
-Народната банка презеде одредени мерки, и тие се во ред за смирување на инфлацијата, меѓутоа за разлика од земјите од еврозоната, кај нас нема таква меѓузависност помеѓу мерките што ги презема Народна банка и комерцијалните банки, заради тоа што нашите комерцијални банки пливаат во ликвидност и немаат толкава потреба од ликвидносни средства од нашата централна банка, како што имаат во овие земји од еврозоната, и заради тоа, таму, подигањето на референтните каматни стапки на Централните банки има многу поголемо и побрзо влијание од колку што тоа е кај нас,појасни тој.
Поповски: Дали инфлацијата е плод само на војната во Украина?
-Намалувањето на инфлацијата во идната година (во 2023) па и понатаму, нешто што до вчера ни било релативно умерено во рамките на едноцифрена или на граница со двоцифрената од околу 10 отсто, сега ни станало нормално, рече проф. д-р Никола Поповски, економски експерт, универзитетски професор и поранешен министер за финансии.
Според него дури, сега, со прогнозите за идната година во светот и особено во нашата земја дека ќе имаме инфлација мерена на годишно ниво некаде до 8, 9 или 10 отсто, ни изгледа задоволителна проекција, откако го поминуваме ова искуство каде што веќе стигнавме близу до 20 отсто.
-Се плашам дека почнуваме да се навикнуваме на новата нормалност, поточно ако за успех го сметаме инфлацискиот удар во наредната година од 8 до 10 отсто и ќе мислиме дека тоа е добро. Можеби треба да се размислува, кога бараме разлика помеѓу причини и поводи за нешто, дека можеби војната во Украина е само повод за појавата на инфлацијата во светот, можеби не и директна причина, додаде тој.
Поповскиги отвори дилемите за тоа дали предолго време економистите во светот се надевале дека инфлацијата само по себе ќе се контролира на некое ниско ниво, без надлежните да вложат дополнителни напори, како и дека ќе можат со релативно експанзивна фискална и монетарна политика да се движат економиите во светот, па и кај нас, кон бркање на економски раст, а притоа, надлежните да мислат дека инфлацијата нема да се појави.
Ангеловски: На површина излегоа проблемите што сме ги криеле изминатите денови
Во дискусијата на претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Трајан Ангелоски, беше речено дека цело време се фокусираме на инфлацијата како појава, од стојалиште на негативност, ако се имаат во предвид зголемените цени и намалувањето на куповната моќ. Меѓутоа, според него треба да се подвлече дека има повеќе погледи на целата таа работа.
-Денес на површина излегоа проблемите кои сме ги прикривале изминативе години, како што се: недоволното производство на електрична енергија, недоволното производство на храна и на одредени други производ, како и негативниот биланс во увозот и извозот, рече тој.
Затоа, дополни Ангеловски, денес, дојде моментот на вистината каде што сите овие бројки беа немилосрдни и ја предизвикаа оваа инфлација.
Имено, неговата анализа, преку дискусијата на панелот покажа дека еден од причинителите за ваквата инфлација во македонската економија може да се бара во преголемата изложеност на европскиот континент од производите кои се увезуваат од континентот Азија.
За таа цел, тој го наведе следниов пример: ако нормална цена на бродски транспорт, чинела секогаш во минатото од 800 до 1.000 долари, наеднаш, денес, истата таа цена дојде до ниво од 7.000 до 10.000 евра. Практично, тоа, како што кажа Ангеловски, било значајна компонента на притисок врз компаниите.
Како втора, а многу значајна причина за појавата на инфлација, претседателот на комората Ангелоски, во дебатата ја наведе даночната реформа на ЕУ. Имено, тука се мисли на новиот еколошки данок, кој, ЕУ го воведе, со особен осврт на фосилните горива и на енергијата добиена од нив.
Како пример, тој ги наведе цените на електричната енергија, наназад во минатото, каде таа имала цена од 50 до 60 евра за мегават на час, за наеднаш, цената да достигне високи размери од 100 до 120 евра за мегават на час. На крајот, како трета причина за појава на инфлацијата, Ангелоски ја наведе војната во Украина, к. оја, предизвикала за зголемување на цената на гасот и храната.
Треновски: Причините за денешната инфлација започнуваат уште во 2008
Од страна на проф. д-р Борче Треновски беше истакнато дека како експерт, ако го прашавме пред десетина година, не би имал можност да го предвиди ваквото денешно сценарио на економијата. Имено, како што кажа, денешната домашна економија се наоѓа во исклучително лошо сценарио, во кое, се содржани и инфлацијата и рецесијата, заедно.
-Причинителите за ваквата денешна инфлација, започнуваат уште од 2008 година, кога, практично започнува политиката за квантитативно олеснување, каде, централните банки ги зголемувале своите биланси, а ликвидноста константно се вбризгувала во економијата,речетој.
Практично, како што тој кажа, економијата многу поспоро функционирала, иако имала огромна ликвидност. Тоа, после пандемијата, доведувало до забрзување финансиските трансакции, секако и како резултат на новите начини на плаќања и движења на монетарните трансакции.
-Увозната зависност ни е екстремно голема, а исто е и на страната на извозот, што доведува за вакви неповолни состојби во економијата, особено со високите стапки на инфлацијата, додаде д-р Треновски.
Во неговата дискусија, провејуваше констатацијата дека земјите кои имаат пониско домашно производство на храна и електрична енергија, секогаш потешко се справуваат со инфлаторната криза. Оттука, тој ќе рече – може да се види дека различни земји, членки на ЕУ, имаат иста монетарна политика, но различно реагираат на инфлацијата и затоа имаат и различни стапки, а иако се дел на една иста европска монетарна унија.
За жал, ние не можеме да влијаеме на структурата на економијата, која ја имаме сега, моментално, додава д-р Треновски.
Дејаноска: Инфлацијата не е целосно увезена
Тања Дејаноска, од сојузот на стопанските комори на Македонија, потенцираше дека здравствениот сектор во текот на кризата бил сериозно оптоварен и дека последиците од таквата состојба се чувствувале и денес. Имено, таа се осврна и на времето кога комората имала спротивен став во поглед на реформата за зголемување на минималната плата, во споредба со владините политика, за денес, како што кажа, сето тоа да има допринос кон растот на инфлацијата.
-Инфлацијата не е целосно увезена бидејќи дел од трошоците и ние внатрешно ги креиравме како што е на пример зголемувањето на минималната плата. Кризите доаѓаат една по друга а најголемиот удар е на микро, малите и средни претпријатија, околу кои се стега обрачот и неизвесно е како ќе опстојат и колку ќе опстојат до пролетта”, истакна Дејаноска.
Што се случува со криптовалутите?
На крајот, Бојан Цветановски, од позиција на претседател на Здружението на финансиските пазари на сите банки во Македонија – АЦИ говореше за криптовалутите, како дефлаторен феномен или ветување версус новата инфлаторна реалност.
-Точно е дека централните банки започнаа со политиката на квантитативно олеснување, меѓутоа инфлација во изминатите 10 години не се појави, нагласи Цветановски.
Во таа насока, Цветановски направи една паралела за движењето на цената на криптовалутите во тие периоди.
Модератор на дебатата беше проф. д-р Синиша Наумоски, претседател на академскиот совет на АБИТ – Академијата за банкарство и информатичка технологија и претставник на управата на Хајделберг Институтот во Скопје.
Настанот го отвори Симона Чаминска, национален координатор на глобалната недела на претприемништвото. Имено, таа, како што кажа во поздравниот говор, глобалната недела на претприемништвото претставува светска иницијатива што моментално, неделава се одржува во 200 други држави во светот и обединува публика од околу 10 милиони жители и се фокусира на теми од претприемништвото.
Извор: Цивил Медиа