Македонскиот пејач Мики Секуловски, поранешен натпреварувач во шоуто „Ѕвездите на Гранд“, каде ментор му беше Цеца Ражнатовиќ, вечерва се огласи по инцидентот со бугарското знаме на вчерашниот нејзин концерт во Велес. Мики кој беше на сцената заедно со Цеца, преку видео на социјалните мрежи ја објасни ситуацијата од своја перспектива.
Секуловски вели дека во прв момент не забележал дека се работи за знаме, туку мислел дека Цеца држи некаков натпис, можеби со нејзина фотографија. Дури кога публиката почнала да негодува и свирка, сфатил дека станува збор за бугарско знаме. „Тогаш веднаш реагирав – го земав знамето и го тргнав“, објасни тој, додавајќи дека Цеца изгледала збунето и не сфаќала што точно се случува. „Штетата, за жал, веќе беше направена“, рече пејачот.
View this post on Instagram
„Можеби требаше порано да реагирам, но навистина не приметив дека се работи за бугарско знаме. Публиката со право беше револтирана, а јас само сакав да ја смирам ситуацијата. Жал ми е што се случи ова – никој не очекуваше дека на концерт во мојот град во Македонија ќе се појави бугарско знаме,“ додаде Секуловски.
Тој истакна дека разговарал со Цеца по настанот и дека таа му признала дека не била запознаена со чувствителноста на односите меѓу Македонија и Бугарија. „Навистина ми е жал. Концертот требаше да биде прекрасен, и беше – сè додека не се случи ова. Се надевам дека ќе го надминеме тоа и ќе се сеќаваме само на убавите моменти,“ заврши Секуловски.
СКАНДАЛ во Велес: Цеца го разви бугарското знаме pic.twitter.com/EIR8rFAkEK
— Булевар.мк (@bulevarmk) October 31, 2025
Цеца беше исвиркана на концертот во Велес. Публиката оцени дека бугарското знаме кое го наметна Цеца е намерна провокација.
Цеца по инцидентот изјави: „Не е непознато дека секогаш со задоволство го прифаќам секое знаме од мојата публика затоа што тоа е моја публика, мој народ, мои луѓе. Нас не поврзува љубовта кон песната, без оглед од каде доаѓаме. Жал ми е доколку овој чин повреди некого – тоа навистина не ми беше намерата, а особено не да ги повредам домаќините. Верувам дека го знаете тоа. Ви благодарам на прекрасната вечер, на прекрасната енергија, љубовта кон спомените кои заедно ги создадовме.
Реакциите се случија во салата, меѓу мојата публика и мене. Ние знаеме како си поминавме, што беше убаво, а што помалку убаво во текот на концертот којшто траеше два часа. Тоа е она што е најважно. Нема да се занимаваме со реакциите на социјалните мрежи затоа што сите ние кои таа вечер бевме заедно во Велес знаеме што навистина се случи. Никој и ништо не може да застане меѓу мене и мојата публика“, изјави Цеца.





