Украинската војска денеска соопшти дека е во тек комплексна операција во која учествуваат специјални сили за протерување на руските војници кои се инфилтрирале во градот Покровск, упориште во источниот регион Донецк, кој е под зголемен притисок.
Украинските власти неодамна соопштија дека најмалку 200 руски војници се инфилтрирале во градот, а воените набљудувачи стравуваат дека тој би можел да падне под руска контрола откако со месеци беше во центарот на конфликтот.
„Сложената операција продолжува со уништување и протерување на непријателските сили од Покровск“, изјави денеска Врховниот командант на украинските вооружени сили, Александар Сирски.
-По моја наредба во градот дејствуваат комбинирани сили за специјални операции, вклучувајќи единици на Безбедносната служба на Украина (СБУ) и Воената разузнавачка служба на Украина (ГУР), додаде Сирски.
Според него, тоа е моментално најтешката област на фронтот, а руските сили со неколку илјади војници се обидуваат да се инфилтрираат во населбата Покровск-Мирноград и да ги пресечат украинските линии за снабдување.
-Меѓутоа, нема опколување или блокада на овие градови. Вложуваме максимални напори да обезбедиме логистичка поддршка, рече Сирски, прецизирајќи дека засилувања во единици и опрема, вклучително и беспилотни летала, ќе бидат испратени во областа.
Руското Министерство за одбрана во текот на денот соопшти дека „уништило“ група од 11 припадници на специјалните сили на ГУР, распоредени со хеликоптер околу еден километар северозападно од Покровск.
Украински воени извори, цитирани од неколку локални медиуми, подоцна го негираа тврдењето на Москва.
Додека мировните преговори меѓу Киев и Москва се во застој, сè побројната руска армија продолжува да ги напаѓа линиите на фронтот, полека освојувајќи ја територијата и покрај наводно големите загуби.
Во последните месеци, руската војска ја користеше тактиката на инфилтрирање на мали групи војници зад украинската одбрана, избегнувајќи формирање на големи напаѓачки сили, кои се особено ранливи на напади со беспилотни летала.





