Актерката Џенифер Лоренс се праша дали нејзините јавни ставови за Доналд Трамп и американската политика воопшто имаат каква било смисла. Гостувајќи во подкастот „The Interview“ на The New York Times, ѕвездата на The Hunger Games рече дека по првиот мандат на Трамп чувствувала паника и потреба да реагира, но дека денес не е сигурна дали тоа има ефект, пренесува Индипендент.
„Не знам дали треба. Првата администрација на Трамп беше толку хаотична што се чувствував како безглава кокошка што трча и се обидува да спаси нешто“, изјави таа.
Лоренс, која на последните избори ја поддржа Камала Харис поради, како што рече, „прашањето за абортусот што беше на гласање“, сега признава дека го преиспитува влијанието на славните во политиката.
„Од избори до избори гледаме дека славните личности воопшто не влијаат на тоа за кого луѓето гласаат. Тогаш што правам? Само ја споделувам мојата мисла и додавам масло на оганот што ја разделува државата“, рече актерката.
Таа нагласи дека не сака своите политички убедувања да ги пренесува преку интервјуа, туку преку проектите на нејзината продуцентска куќа, која стои зад документарецот „Zurawski v. Texas“ – филм што ја обработува темата на забраните за абортус во САД.
„Многу од филмовите што ги продуцирам се одраз на политичката клима. Така чувствувам дека можам да бидам корисна“, додаде Лоренс.
На прашањето дали жали за своите поранешни изјави за Трамп, актерката се насмеа и одговори:
„Веројатно да. Жал ми е за сè што сум кажала или направила.“
Лоренс моментално е во промотивна турнеја за нејзиниот нов филм „Die My Love“, психолошки трилер на режисерката Лин Ремзи, каде глуми заедно со Роберт Патинсон, Сиси Спејсек и Лакит Станфилд. Премиерата е закажана за 7 ноември.
Редакција Фронтлајн





