Македонската машка кадетска ракометна репрезентација во завршното трето квалификациско коло го совлада денеска домаќинот Луксембург со 25-17 (13-9) и со тоа обезбеди пласман на Европското првенство 2026.
За да го освои првото место во квалификациската група која се играше во Луксембург на македонските кадети попладнево им беше неопходна победа над домаќинот, откако претходно денеска Финска ја совлада Грција со 29-25.
Избраниците на селекторот Горан Кузмановски ја исполнија целта и со вториот триумф во квалификациите обезбедија настап на завршниот турнир што идната година ќе се одржи во Србија.
Поповски со шест и Ѓеорѓиески со пет голови беа најефикасни во македонските редови во триумфот над Луксембург.
Претходно, македонската репрезентација во воведното коло ја совлада Финска со 36-29, а во второто коло испушти водството во финишот од четири голови и загуби од Грција со 32-31.





