OpenAI го претстави ChatGPT Atlas – нов веб-прелистувач кој ветува да го промени начинот на кој сурфаме на интернет. Наместо само алатка за отворање страници, Атлас го претвора прелистувачот во интелигентен асистент кој анализира, резимира и дури извршува задачи наместо вас, истакнуваат од OpenAI.
Изграден е врз основа на Хромиум-технологија, но интеграцијата со ChatGPT е внатрешна, не како надградба. Преку страничната лента „Ask ChatGPT“ корисникот може да побара анализа на текст, споредба на производи или краток преглед на долга статија без да ја напушти страницата.
Функцијата „Browser memories“ овозможува прелистувачот да памети информации за интересите и историјата на корисникот, за потоа да нуди посоодветни одговори. Сепак, оваа опција е по желба и може целосно да се исклучи.
Најимпресивната новина е Agent mode, достапен за премиум-корисници, каде ChatGPT може сам да отвора табови, да пребарува, да резервира патувања или да додава производи во кошничка, според вашите инструкции. Тоа го прави Atlas првиот прелистувач што навистина може да „работи наместо вас“ на интернет.
Моќен, но не без ризици
Иако идејата звучи револуционерно, експертите предупредуваат на неколку ризици. Технолошки портали како The Hacker News и Meristation Tech известуваат дека новиот прелистувач има потенцијални ранливости кон фишинг и инјекциски напади, токму поради неговата интегрирана интелигенција и системот на „паметење“.
Некои корисници исто така забележуваат дека Атлас може да го промени класичното искуство на сурфање – наместо слободно истражување, корисникот се потпира на асистент кој „одлучува“ што е најважно да се прочита.
Во моментов, ChatGPT Atlas е достапен само за macOS, а верзиите за Windows и мобилни уреди се очекуваат подоцна оваа година. Раните тестови покажуваат дека Atlas е особено корисен за истражувачи, новинари и студенти – сите кои работат со голем обем информации.
Редакција Фронтлајн





