Од денеска белгиското Министерство за одбрана почнува со дистрибуцијата на покани до сите Белгијци на возраст од 17 години за доброволно отслужување на едногодишен воен рок.
– Честитки! Следната година ќе наполните 18 години: Важна пресвртница и време кога ќе донесете одлуки за вашата иднина. Министерството за одбрана ви нуди единствена можност: Година на доброволна воена служба, се наведува во поканата што ќе биде испратена до речиси 130 илјади 17-годишници во Белгија.
Поканата има за цел да ги охрабри младите да и се приклучат на белгиската Армија „со полно работно време за период од 12 месеци“, а за возврат, како што се наведува во неа, меѓу другото, ќе добијат „атрактивна плата од најмалку 2.000 евра, ваучери за исхрана, надомест за медицински трошоци и бесплатен јавен превоз до и од работа“.
– Годината на воена служба е единствена можност за личен и професионален развој и стекнување доживотни пријатели и работно искуство. Со тоа, активно придонесувате за иднината на нашата земја во сегашниот меѓународен контекст каде што мора да бидеме подготвени и спремни да дејствуваме, се додава во поканата.
Според планот, оние кои ќе бидат избрани за служење на воен рок ќе имаат интензивна 10-неделна основна обука, по што ќе следи и дополнителна специфична обука во траење од една до три недели во зависност од родот во кој ќе служат.
Министерството за одбрана се надева дека на нивниот повик ќе одговорат околу 1.500 млади луѓе, кои ќе аплицираат за служење војска. Сите апликанти ќе минат тестирање, по што од нив ќе бидат избрани само 500, кои ќе бидат ангажирани во Вооружените сили и тоа 375 во Копнената војска, 75 во Военото воздухопловство и 50 во Воената морнарица. Целиот процес на избор на новите регрути се очекува да заврши до следното лето.





