Хиларија Болдвин отворено проговори за важноста на брачното советување и откри дека таа и актерот Алек Болдвин побарале стручна помош за полесно да се справат со разликата од 26 години меѓу нив. 41-годишната инструкторка по јога, гостувајќи во подкастот Uncut and Uncensored, призна дека големата возрастна дистанца понекогаш бара подлабока психолошка поддршка.
„Тој има 26 години повеќе искуство“
„Не верувам дека годините се само број – барем не во нашата ситуација“, изјави Хиларија. „Понекогаш морам да погледнам и да си кажам: ‘Тој има 26 години повеќе искуство’. Тоа понекогаш е предност, но од друга страна – значи дека ни е потребна терапија.“
Двојката во јуни 2024 година ја прослави 12-годишнината од бракот, само неколку дена пред Алек да треба да се појави на суд за обвинението за убиство од небрежност по трагичното пукање на снимањето на филмот Rust во 2021 година, каде загина снимателката Халина Хачинс. Случајот подоцна беше отфрлен во јули, кога судијата утврди дека обвинителството криело докази од одбраната.
Живот под лупа и тешки очекувања
Во интервју за Fox News претходно оваа година, Хиларија призна дека животот како сопруга на славен актер носи „многу предизвици“.
„Кога го запознав Алек на 27 години, влегов во свет за кој не бев ни малку подготвена“, рече таа. „Кога споделувам такви емоции, не сакам да звучи како да не сум благодарна за привилегиите и прекрасните работи што ги имам. Но тешко е.“
Таа додаде дека најтешко ѝ е во тишината на сопствената соба: „Токму тогаш плачам. Знаете на што мислам? Многу работи се тешки затоа што добиваш илјадници различни мислења. А јас ги примам затоа што ми е грижа.“
Никогаш не се навикнуваш на критики
Хиларија призна и дека не се навикнала на напливот негативни реакции, особено по скандалот со нејзиното наводно шпанско потекло кој избувна пред пет години.
Таа тврдела дека е родена во Мајорка и дека се преселила во САД на 19 години, но корисниците на социјалните мрежи открија дека е родена и израсната во Бостон под името Хилари Лин Хејвард-Томас.
„Никогаш не се навикнуваш на тоа дека луѓето можат да бидат зли,“ рече таа. „Но длабоко вдишуваш и, мислам, учиш да се дистанцираш.“
Големо семејство
Парот заедно има седум деца: Кармен Габриела, Рафаел Томас, Леонардо Енџел Чарлс, Ромео Алехандро Дејвид, Едуардо Пау Лукас, Марија Лусија Викторија и тригодишната Иларија Каталина Ирена.
Алек има и уште една ќерка, Ирланд, од претходниот брак со актерката Ким Бесинџер.




