Професорката Симона Груевска поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседателка на Советот за македонски јазик. Иако првично решила да не дава медиумски изјави, таа се огласи со јавна реакција по тврдењата на министерот за култура и туризам дека нејзиното повлекување било мотивирано од приватни побуди. Преку отворено писмо објавено на нејзиниот фејсбук профил, Груевска упати сериозни обвинувања за целосна институционална негрижа, отсуство на буџет за клучните јубилеи, игнорирање од страна на министерот и директни политички закани.
Груевска ја започна својата реакција со директно прашање до јавноста и власта:
„Лични или нелични причини? Кога ја дадов неотповикливата оставка, бев решила да не давам изјави по медиумите, иако ми бараа. Но, вчерашната изјава на министерот за култура и туризам дека оставката сум ја дала од „лични причини“ ме натера јавно да се произнесам во интерес на вистината“.
Јубилеј со нула денари буџет наспроти милионски хонорари за странски ѕвезди
Во интерес на вистината, досегашната претседателка открива дека за време на нејзиниот мандат од година и половина, наишла на затворени врати во ресорното министерство и била принудена значајните национални манифестации да ги менаџира без никаква финансиска поддршка од државата.
„Вистината е дека за една и пол година, колку што бев претседател на Советот за македонски јазик, не сум имала НИТУ ЕДНА средба со министерот за култура и туризам. Ниту дошол да го поздрави конституирањето на Советот каква што е ред, ниту барем да ми се заблагодари за сите активности што ги направив во текот на минатата година со одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Патем, сето тоа беше направено БЕЗ ПАРИ, сите учесници што настапија на свеченоста во МНТ настапија БЕЗ ПАРИ, па јас дури и сценариото го напишав БЕЗ ПАРИ (нешто што го направив прв пат во животот, зашто сум научник, а не сценарист), зашто сѐ уште има луѓе што си ја сакаат татковината“, реагира Груевска.
Таа јавно прашува како Владата и Министерството за култура не предвиделе буџет за ова одбележување, додека во исто време се трошат огромни средства за забавни манифестации.
„Прашањето е како Владата и Министерството за култура и туризам не предвиделе буџет за ова одбележување, а полни им се устите со македонскиот јазик, главно преку цитати од познати писатели и дејци во напишаните говори. Да се потсетиме дека оваа година Владата ќе ги плаќа Дејвид Гета и Хозе Карерас за прославата по повод 35 години од осамостојувањето на Македонија. Приоритети!!!“
Одолговлекување за Националната стратегија и „петта колона“ во работната група
Вториот сериозен проблем со кој се соочил Советот за македонски јазик е изработката на законски предвидената Национална стратегија, процес кој со месеци бил свесно кочен од правните служби и кабинетот на министерот.
„Речиси една година трчав и молев да се започне со изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик, предвидена во Законот за употребата на македонскиот јазик. На моето барање за средба со правната служба на Министерството за култура и туризам ми беше пренесено дека биле многу зафатени (?!) и дека треба да се обратам до министерот за култура и туризам, што и го сторив на 29 мај 2025 година. Чекав повеќе од 6 месеци на одговор, кога повторно го ставив на дневен ред на седница на Советот за македонски јазик, па се растрчаа со смешна приказна дека министерот не го добил дописот“.
Груевска додава дека работната група била формирана дури на крајот на јануари 2026 година, но со внатрешни опструкции од претставници на самото министерство.
„Работната група за изработка на Стратегијата се формираше дури на крајот на јануари 2026 година со член од Министерството за култура кој (која) беше еден вид петта колона во групата, за што ѝ пишав на државниот секретар и не добив одговор. Притоа, барав прием кај министерот за култура и туризам и два месеци чекав пред да ја дадам оставката, а никогаш не го добив“.
Класични закани од државниот секретар: „Не зборувај јавно!“
Капка која ја прелила чашата и директно испровоцирала поднесување на неотповиклива оставка биле притисоците и уцените изречени на јавната расправа за Националната стратегија за култура, каде во делот за македонскиот јазик биле вметнати целосни невистини.
„За крај, се закажа јавна расправа за Националната стратегија за КУЛТУРА, за која пишувачите никогаш не се консултирале со Советот за македонски јазик и во делот за македонскиот јазик пишувале, најблаго речено, неточни работи. Бидејќи имав покана за јавната расправа, отидов со намера јавно да ги кажам забелешките, но од државниот секретар ми беше кажано да не зборувам јавно и дека „на нивен предлог сум била избрана за претседател“, што е класична закана“.
По овој инцидент, професорката веднаш ја напуштила расправата и ја депонирала оставката до три клучни владини адреси.
„Јавната расправа ја напуштив и истиот ден ја напишав оставката со НЕЛИЧНИТЕ причини и ја доставив до Владата, до Министерството за култура и туризам и до Министерството за образование и наука. Забелешките за Националната стратегија за култура ги доставив до Комисијата за култура при Собранието на Македонија и до Министерството за култура и туризам. Никој потоа не ме контактираше (официјално), ниту добив некаков одговор ниту од Владата ниту од Министерството за култура и туризам“.
На крајот од своето писмо, демантирајќи ги уште еднаш „личните причини“, проф. д-р Симона Груевска извлекува поразителен заклучок за односот на актуелната власт кон идентитетските столбови:
„Има уште, но мислам дека е доволно за да се процени дали од ЛИЧНИ причини сум ја дала оставката или од ОБЈЕКТИВНИ! Мојот заклучок на крајот е дека НИКОЈ НЕ СЕ ГРИЖИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК (што се гледа и од тоа дека три години од донесувањето на Законот не функционира Инспекторатот) и Господ да ни е напомош!!!“






