Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев од денеска до сабота ќе престојува во Њујорк каде што ќе учествува на 74. Генерално собрание на Обединетите нации.
Во агендата на Заев е предвидена и официјална средба со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како и присуство на приемот на покана од претседателот на САД Доналд Трамп и сопругата Меланија по повод одржувањето на 74. Генералното собрание на ОН.
Официјалното обраќање на Заев на Генералното собрание на ОН е предвидено за сабота во претпладневната сесија.
Во состав на владината делегација се и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Министрите ќе учествуваат во работата на форумите во рамки на четирите самити кои годинава се посветени на климатските промени, на универзалниот пристап до квалитетни здравствени услуги, на целите за одржлив развој и на финансирање на развојот.
Неофицијално, Заев утре за прв пат ќе се сретне со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис.
извор: МЕТА.МК