Македонскиот краткометражен филм „Човек и пустина“ на режисерот Пеце Здравковски засега е меѓу 20-те најдобри, од вкупно пријавени 1679 филмови, во категоријата „people’s choice” на меѓународниот фестивал „My RØDE Reel Short Film Competition“.
Фестивалот „My RØDE Reel Short Film Competition“е најголем фестивал на краткометражни филмови во светот и станува збор за престижно натпреварување на кое учество земаат илјадници режисери и продуценти.
„Филмот е инспириран од шега која се раскажува во околината на Прилеп и Битола, а за која и во двата града ќе чуете дека станува збор за нивна досетка. Кусиот игран филм е снимен без никаква финансиска поддршка со само 150 евра на локации околу општината Новаци, во близина на РЕК Битола“, вели Пеце Здравковски, режисер на „Човек и пустина“.
„Човек и пустина“ е краткометражна комедија која зборува за апсурдите во животот и за тоа каде може да не доведе следењето на лошите совети.
Пеце Здравковски е режисер, сценарист, монтажер и колорист на филмот. Ѓорѓи Вацев е продуцент, директор на фотографија и звук. Норвежанецот Кетил Шеи кој е наратор на филмот, ја направи и музиката за филмот. Бојан Соклевски е писател, бум-оператор, а Алек Ѓорѓиески е главниот актер. Христијан Српчански е камера-асистент, а Симона Јосифовска и Наташа Величковска се задолжени за фотографиите.
„Човек и пистина“ е трет краткометражен филм на Здравковски. Претходните два филма „Dogs of War“ и „Farewell“ победија на два интернационални натпревари и имаа номинации на најголемиот натпревар за кратки филмови MyRodeReel.
Екипата на филмот се надева дека ќе добие награда на престижниот фестивал, а најмногу на првата, која е комплетна продукциска опрема. Бидејќи за победникот гласа и публика, потребни им се гласови.
Годинава на „My Rode Reel“ се пријавени 1.679 филма, а „Човек и пустина“ е единствен од Северна Македонија.