„Ин Виница веритас“ е името на меѓународниот фестивал на хуморот и сатирата што започнува утре во виничкиот дом на културата. Ова е единаесетто издание на фестивалот годинава.
Комичари, актери, сатиричари и карикатуристи ќе се претстават пред својата публика во програма што ќее трае пет дена.
„На самото отворање на фестивалот ќе ги прогласиме најдобрите карикатуристи од конкурсот за карикатура чие мото годинава е Трагачи по парадокси, а нивните дела, заедно со останатите што пристигнаа, ќе бидат претставени на заедничка изложба. На театарската сцена прв ќе настапи актерот Сашо Тасевски со Северно од Македонија, а во вторник гостува бугарска театарска група од Благоевград со Живот, макар и краток. Следниот ден, по вторпат годинава, ќе се одржи Интернационална вечер на хумор, сатира и карикатура. во чии рамки ќе промовираме две нови збирки со афоризми, Женско писмо и Трагачи по парадокси 2. Тоа ќе биде и петта книга од фестивалската едиција Балканска сатира, по што истата вечер ќе гостува театарот Бора Станковиќ од Врање“ – изјави Јовица Илиев, директор на домот на културата „Тошо Арсов“ за МИА.
Програмата на фестивалот вклучува и едукативни часови по хумор и карикатура за средношколците од Виница, а едукатори ќе бидат Никола Драгаш и Миле Ѓорѓијоски.
В четврток гостува театарот од Лесковац со претставата „Половњаче“, а овогодишниот „Ин Виница веритас“ ќе биде заокружен со настапот на актери од Народниот театар од Битола со комедијата „Кокошка“, во режија на стендап комичарот Маријан Ѓоргиевски.
Поддршка во организацијата на Фестивалот доаѓа од Министерството за култура и од локалниот бизнис сектор, а покровител е Општина Виница.