Сирија на Генералното собрание на Обединетите нации побара итно повлекување на сите странски трупи и предупреди дека во спротивно ќе го задржи правото да преземе акција против нив.
„Соединетите Американски Држави и Турција имаат нелегално воено присуство во северна Сирија. Сите странски сили кои делуваат на нашата територија без наше овластување се окупаторски сили и треба да се повлечат веднаш“, рече сирискиот министер за надворешни работи Валид ал-Моалем.
Поради осумгодишната граѓанска војна во Сирија, има многу странски трупи и илјадници странски борци во земјата, кои се борат за превласт.
Владата ја врати контролата над најголем дел од земјата, но бунтовниците и екстремистите се уште го држат Идлиб на северозапад, додека североисточниот дел, кој е богат со нафта, го контролираат курдските групи кои се поддржани од САД.
извор МИА