Денес во Музејот на современата уметност – Скопје, со почеток во 19 часот, ќе одржи предавање една од најмоќните уметници на светот Тања Бругуера!
Тања Бругуера е една од најзначајните и најангажираните уметници во светот, која се занимава со инсталација и перформанс и чии дела често пати ги нагласуваат општествените ефекти од моќта на политичката сила.
„Политичко времено специфично“ е насловот на предавањето што ќе го одржи светски позната уметница во Музејот на современата уметност во Скопје на 2 октомври со почеток во 19 часот.
Изразот „Политичко времено специфично“ е термин кованица на Тања Бругуера, обмислен со цел да се дефинира вид уметност, која е создадена да постои во одреден политички
момент, кој на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание.
Со оглед на тоа што веќе не е доволно да се создава уметност како а постериори реакција или коментар, време е да се создава уметност за она што се уште не е случено и она што допрва треба да се случи.
Таа учествувала на изложбата „Документа 11“, а ја основала и програмата за Бихевиорална уметност при Универзитетот за уметности во Хавана.
Бругуера има изложувано на Биеналето во Венеција во 2015 година, во Музејот на современа уметност „Тејт“ во Лондон, во музејот „Гугенхајм“ и во МОМА Музејот на современа уметност во Њујорк…
Бругуера неодамна го отвори Меѓународниот институт „Хана Арент“ за „артивизам“ во Хавана – како школа, изложбен простор и „тинк-тенк“ за уметници-активисти и Кубанци.
Родена е во 1968 година во Хавана, Куба.
Живее и работи во Хавана и во Њујорк.
извор: Музеј на современата уметност – Скопје