Пред четири години Јирген Клоп го зеде кормилото на ФК Ливерпул во свои раце. Очекувањата на сите во Ливерпул беа огромни. И со право. ФК Ливерпул под препознатливата насмевка, радост, лутина и страст на Јирген Клоп, почна да го живее својот „втор живот“, да живее нова ера после онаа на Бил Шенкли.
Клоп оваа година е избран за Најдобар тренер на светот во изборот на ФИФА, каде гласаат играчи и тренери од целиот свет. Ливерпул оваа година ја освои Лигата на шампионите по шести пат во историјата на клубот, претходната година играше во финалето.
Пред точно 4 години, Клоп ја даде легендарната изјава:
– I’m the normal one. Но, дали е навистина „нормален“?
Што велат по повод овој јубилеј од официјалниот фан клуб на ФК Ливерпул – Macedonian Reds:
„На денешен ден пред 4 години, ФСГ и Ливерпул донесоа една од најдобрите и најправилните одлуки во историјата на клубот.
На денешен ден пред 4 години Ливерпул за менаџер го назначи човекот кој буквално направи револуција на сите можни нивоа во клубот, човекот кој го состави најмоќниот тим на Ливерпул во последниве 30ина години, човекот кој го игра можеби најатрактивниот фудбал во Европа, човекот кој го врати Ливерпул меѓу европските великани, човекот кој ни ја донесе шестата титула во Лигата на шампионите, човекот кој ги натера сите неутрални фудбалски фанови да го засакаат Ливерпул, човекот кој ги трансформираше навивачите од луѓе кои се сомневаат во клубот во луѓе кои веруваат во клубот!
Фала ти што постоиш и фала ти што си еден од нас!“
На овој линк можете да го погледнете првото интервју на Јирген Клоп.
Ј.Ѓ