пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Македонецот се однесува со Македонија како Славко Штимац со Неда Арнериќ во „Ко то тамо пева“: во едната рака држи големо парче свинско, со другата се обидува да ја пронајде цицката на Неда, а со устата полна мрсно, во стилот на римски преторијански развратник, селското момче ја лигави најубавата мома од својот крај и ризикува да ја остави без јазикот ако усниот ѝ орган му се стори како свински пафлак. И чека некоја пауза, дефект или војска на патот, за да ѝ се качи во шушлив и шуплив, бај д уеј, секс на брзина, врз постелата од суво лисје во првата шумичка.
Свинското во рацете на Македонецот е вмро-дпмне во сос од леснотијата на самопоимањето и постоењето, а Неда е Историјата, Сегашноста и Иднината на младата невеста во фигурата на Северна Македонија.
Ова е полигаво од тоа кај Слободан Шијан.
Земете го, да речеме, ова ждригање во врска со условите што ги испорача Бугарија. Јас ја разбирам ожесточената реакција кај некои луѓе, молам, тоа е емотивна функција на секој здрав организам, понекаде има и сериозни напори одбраната да се аргументира низ сериозни факти и актуелни состојби, но целината на националниот корпус заборава дека целата таа палета барања, можеби малку поинаку формулирана, во негово име веќе ја исполни вмро-дпмне меѓу 2006 и 2017 година, со сериозни обиди таа работа да ја заврши и многу порано.
Па се ви сменија, бе другари, и историјата и духовноста и културата и моралот. Добро, не ги отстранија „антибугарските текстови“ од спомениците, но затоа ги отстранија самите споменици, ги оставија без глави, без постаменти и, што е најважно, без почит и без одбрана.
Така ли е или не е така!?
Притоа, со молк или, дури, со радост на тие што денеска врескаат.
Бугарите ли ви ги избркаа борците што ви ја донесоа слободата од Домот на инвалидите, како најдолни вагабонти, шверцери, узурпатори. Сторивте ли вие нешто по тој повод или ви се чинеше дека во режимот на Груевски попаметно е да си ги чешате јајцата преку дупнатите џебови и да викате, јебига, Тошо, кога ќе го видите генералот Атанасовски на улицата „Македонија“.
Бугарите ли во го изградија чудовиштето кое ве претставува како идиотизирана маса ослободена од секакви реални димензии на еден историски, национален субјект? Скопје 2014. Александар, Филип, цицлестите Македонки со Македончињата што утре ќе пораснат во чипирани идиотчиња на Злосторничкото здружение преку кое решивте да се пресметате самите со себе!?
Бугарите ли ви ги сменија учебниците? По историја, посебно. Тие ли направија од учебниците платформи за кретенизација на децата, односно за рано десубјективизирање на Македонецот?
Бугарите ли ви испратија попови и попиздитиси да ви ги учат децата дека се овци!?
Бугарите ли ве држеа во балканската кал додека Макрон уште студираше и бараше постара женска за повремено излегување и забава со можност за трајна врска!?
Па, најмалку 15 години, најголем број гласови ѝ давате на идејната наследничка на царската организација за ослободување на Македонија како бугарска земја и најмалку толку се радувате на нејзиното властодрштво преку кое ве ослободуваше од вашите зеници, од вашите гениталии, од јајните клетки и сперматозоиди, да, и од парите, секако, а сивата маса ви ја залеваше со гасената вар на песните за Пирин планина.
Нели сакавте да се преродите?
Во сто или колку беа чекори.
И кој курац сакате сега.
Само јас имам напишано, чекајте да проверам, аха, да, еве го, точно 1.789.045 пати, дека не можете да имате и држава и вмро. Дека вмро-дпмне на власт е политичка концептуализација на митот за вмро во кој има некаква автономија за Македонија, како што беше Косово во Србија, но држава-нема.
Да, да, да, нашата историја пред 1941 е историја на уништувањето на сите шанси за држава. Тоа не значи дека без вмро би имале држава. Неее! Не би имале ниту држава, ниту мит, кој не е без позитивни елементи во конституирањето на македонската држава, но сама во формата на мит односно на неосознаеноста како политичка моќ. Тука неизбежно моравме да се соочиме со неговата смртоносност. Тоа е. Македонците сакаат да живеат со канцерогениот тумор на вмро и да бидат здрави.
Или да ја земеме хистеријата околу најавите дека Франција нема да дозволи на 15 октомври да добиеме датум за старт на преговорите со ЕУ. Со милион лебдечки тврдења, со вакви и онакви теории на заговорот.
Тоа е демонстрација на нашата најважна карактерна особина.
Експресното изнаоѓање на некој врз кој ќе ги исипеме сите секрети на нашите фрустрации, незрелости и неспособности. Македонецот е како трајно стиснат клавиш на темата за Курвата вавилонска. И свири ли свири.
Поволните опции или тие што можат да бидат поволни не се земаат предвид затоа што се поволни, а не затоа што се нереални. Јас, да речеме, мислам дека најавите за блокада се во рамките на позиционирањата во Европската унија во пресрет на неколку важни настани: Самитот во Луксембург, конституирањето на новата европска влада со Вад Дер Лејен при што ќе мора да се најде некоја сатисфакција за Макрон по парламентарниот пораз на неговата кандидатка за повереник на Комисијата, Брегзит и, се разбира, турската офанзива во Сирија и заканите по Европа од таа опасна авантура на Ердоган. Јас мислам дека во ваков компликуван распоред, шансите на Македонија се сериозни, дури би рекол многу сериозни. Блокадата би била опција на тоталната безидејност и безодговорност, а не аспект на некакви нови распореди во кои нема место за Македонија. Се надевам дека Меркел ќе му даде на Макрон понуда во внатрешните релации во која датумот за Македонија ќе му се стори како сосема прифатливо решение. Затоа што тоа и е такво.