Овој викенд (26 и 27 октомври) во Скопје, навивачите на европскиот првак Ливерпул од регионот, пред сè, од поранешна Југославија, ќе го имаат својот 9 регионален собир. На годинешниов собир се очекува да стигне и „појачување на фановите на Ливерпул од Бугарија и Романија.
Инаку, ова е втор пат, Регионалниот собир да се одржи во Скопје, а го организира официјалниот Фан Клуб на ФК Ливерпул во Македонија Macedonian Reds.
Досега регионалните собири се имаат одржано во: Сараево 2013 – Зрењенин 2013 – Скопје 2014 – Котор 2015 – Љубљана 2015 – Загреб 2016 – Сараево 2017 – Белград 2018.
Она што на овој собир му дава посебен белег, е тоа што Собирот ќе има и хуманитарна нишка, а средствата собрани од лотаријата ќе одат за поддршка на лекувањето на Јана Арсовска.
Јана боледува од редок вид на карцином, во рамките на чие лекување има извршено две трансплантации на коскена срж.
Химната на навивачите на Ливерпул – „YOU’LL NEVER WALK ALONE“ ќе се слуша и сабота навечер (26.октомври) за кога е предвидено и официјалното добредојде за гостите.
Регионалниот собир ќе се одржува во BackYard Lounge Bar & Kids Area (поранешно Мондано – позади гимназијата Јосип Броз Тито).
Покрај дружбата и заедничкото гледање на неделниот натпревар Ливерпул и Тотенхем (недела 17.30 часот) предвиден е забавен турнир во мал фудбал (почнува во 11 часот), потоа загревање со Irie Scratch, а по дуелот и со Beta house.
– Стоиме на располагање за сите дополнителни прашања во однос на собирот. Исто така доколку не сте од Скопје и ви треба логистичка помош за наоѓање на смештај и слично, не се двоумете да не прашате, велат организаторите на собирот Macedonian Reds.
Во документарниот филм што може да го погледнете на овој линк, фановите од регион велат дека најмасовен собир до сега бил оној во Скопје 2014 година и се сомневаат дека тешко ќе се надмине тоа, но организаторите се оптимисти, а оваа година имаат и зошто – Ливерпул е европски шампион.