Ќе се менува моделот за субвенциии во туризмот и според првичните предлози тие ќе се доделуваат и кога не е сезона, а ист износ без оглед на дестинацијата од каде доаѓа туристот, известува МИА.
На крајот на годината истекува постојниот модел на субвенционирање и тој, според носителите на дејноста, ги дал своите ефекти. Поради тоа, како што најавија денеска од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, во наредниот период заедно со туристичките асоцијации и здруженија ќе дефинираат промени со кои би се обезбедила одржливост и поголем девизен прилив, кој лани изнесувал 385 милиони долари, а во првата половина од годинава 153.87 милиони долари. Проценките се дека туристичките потенцијали можат да обезбедат девизен приливод од 700 милиони до 800 милиони евра. Фокусот треба да се стави на развивање алтернативен туризам во тек на целата година, пакети со по три – четири дена, но и да се донесе нова стратегија со насоки за промените што ги бараат туристите.
Според Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, со сегашниот систем на субвенционирање и туристичка понуда во тек на годината не можеме да примиме повеќе од 1,5 милиони туристи и повеќе од четири милиони ноќевања.