Премиерот Зоран Заев во анализата за постигнатите економски резултати презентирана на неговиот Фејсбук профил, истакнува дека изминативе две и пол години Владата е посветена на стабилизирање и зајакнување на домашната економија.
Не им верувајте на лагите дека економијата не ни чини. Тоа едноставно не е точно, бидејќи економијата се мери со бројки, потенцира Заев.
Тимот на вицепремиерот Анѓушев, заедно со министрите од економските ресори, направија сериозна анализа базирана на официјални податоци и статистики, и еве ги резултатите. Фактите и бројките се непобивливи, економијата е посилна од било кога.
Домашната економија ни е на одличен пат!
„Преку директните мерки на МТСП и Агенција за вработување, мерките за поддршка на компаниите и привлекувањето на странските инвестиции, успеавме за 2 години да отвориме повеќе од 54.000 нови работни места. Со ова, успеавме да дојдеме до историски најниска стапка на невработеност од 17,4%.“
„Џабе нови работни места, ако не се добро платени. Спиралата за раст на платите ја отворивме уште во август 2017 година со првото покачување на минималната плата, кога ја израмнивме за сите на 12.000 денари.
Сега, со новото покачување на минималната плата од 14.500 денари, заедно со субвенционирањето на придонесите за работодавците кои ќе ги покачат платите до 100 евра, очекуваме да дојдеме многу блиску до 30.000 денари просечна плата.
Ако порано платите растеле за само 800 денари за 2 години, сега за 2 години платите се покачија за 2.300 денари и ќе продолжат да растат за многу повеќе.
Ова се сериозни бројки, кои секој граѓанин ги чувствува. Наставниците на почетокот на следната година ќе добијат сериозно, највисоко покачување до сега. Лекарите и медицинските сестри добија сериозно покачување. Еден лекар специјалист ќе зема 100.000 денари плата. Нашите војници земаат поголема плата, како и полицијата и пожарникарите. Покажуваме дека ги цениме и дека сме благодарни за нивната жртва кон државата. Значи, повеќе работни места, добро платени.“
„Преку новиот Закон за енергетика и со силните инвестиции во обновливи извори на енергија и гасификација, успеавме да го стабилизираме вртоглавиот раст на цената на струјата и да ја намалиме просечната цена на киловат/час што ја плаќа едно домаќинство.
Дополнително, ЕСМ своите годишни профити преку општествено одговорно работење, ги насочува назад кон граѓаните и издвои 10 милиони евра за субвенција на инвертер клими за 10.000 семејства и 24 милиони евра за филтри во Битола.“
„Оваа влада отвора фабрики, за разлика од претходната којашто се фалеше со „отворање на споменици“.
За 2 години потпишавме 34 нови договори за странски и домашни инвестиции. Веќе 12 фабрики се изградени и почнати со работа, а 22 фабрики се во процесот на изградба.
Ова се двојно повеќе фабрики од најдобриот период на владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Значи: Повеќе работни места, подобро платени, намалени давачки и отворени нови фабрики.“
„За две години донесовме нови 741.000.000 евра во државата. За ова се одговорни два фактора: (1) Надминувањето на политичката криза и започнување со работа на нашата одговорна и транспарентна влада и (2) решавањето на сите наши билатерални спорови со соседите и откочувањето на евро-атлантските интеграции. Фокусот на економијата, заедно со членството во НАТО ќе донесе уште повеќе странски инвестиции.
Денес, на Северна Македонија се гледа како безбедна и заштитена земја, мозаик од можности, со Влада која е тука да помогне да се отвори бизнис и да се инвестира. Значи, повеќе работни места, добро платени, намалени давачки, нови фабрики, зголемени инвестиции.“
За 2017 – 2019 имаме пораст од 11% на БДП, во споредба со 2015 – 2017. За последните 2 години, БДП на Северна Македонија е фрапантни 21,3 милијарди евра.
„Извозот е најитересниот податок за анализа. Како ги отворивме вратите кон нашите соседи и покажавме дека сме стабилна и безбедна земја, така и светот ги отвори вратите за нашите производи. Се разбира, растот на индустриското производство и зголемените инвестиции придонесуваат кон растот на извозот.
Тоа што е важно да се напомене е дека растот на извозот, придонесува и до слевање на повеќе средства во Буџетот на државата.
Тоа значи повеќе средства за инвестирање назад во човечкиот капитал за следната година.
Ова, почитувани граѓани, е вистината за македонската економија. Резултатите што ги остваривме во овие две години се видливи и опипливи“, истакнува премиерот Заев.
Ј.Ѓ.