Досега 28 земји го ратификиваа Протоколот за полноправно членство на Северна Македонија во НАТО. Останува уште Шпанија да го ратификува Протоколот за пристапување, а тоа според сите најави ќе се случи веднаш по формирање на новата влада во Шпанија.
Самитот ќе се одржи на 3-4 декември 2019 година во Лондон, а најавено е присуство на лидерите на сите земјите членки на НАТО.
Шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје, Јанковиќ, учеството на македонските лидери на Самитот во Лондон заедно со лидерите на земјите членки на НАТО, го опиша како историско учеството.
Претседателот Пендаровски истакна дека деновиве ќе биде назначен македонскиот главен воен претставник во Алијансата, а министерот за надворешни работи Никола Димитров, рече дека ќе биде крајно несериозно ако политичките фактори не успеат да обезбедат амбасадор на НАТО од земјава, но додаде дека е убеден дека и тоа ќе го завршиме за многу скоро време.
Рамноправно со знамињата на другите држави членки на НАТО, се вее и знамето на нашата земја. Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, го сподели тој момент на својата Фејсбук страница.
Гордост! Знамето на нашата татковина кренато на јарбол во Лондон, во пресрет на самитот на НАТО. Заедно со останатите 29 членки. Вредеше!
-напиша Шекеринска.
Ј. Ѓ.
https://www.facebook.com/sekerinska/posts/10156380022430163