Степенот и начинот на кој се стекнал со образование Христијан Мицкоски сѐ уште е жешка тема во јавноста, откако на средбата со премиерот Бојко Борисов изјави дека бил стипендист на италијанска влада, ја поминал магистратурта во Италија, а докторатот во Германија како стипендист на германска влада.
И од СДСМ неколкупати до сега реагираа дека во биографијата на Мицкоски никаде нема податоци дека тој се образувал надвор од државата.
„Христијан Мицкоски, кој дипломирал, магистрирал и докторирал на Машинскиот факултет во Скопје, а потоа му станал и асистент на својот татко, вели дека магистрирал и докторирал во Италија и Германија како стипендист на двете пријателски земји. Го повикуваме јавно Мицкоски да каже каде дипломирал, магистрирал и докторирал и да објасни под кои услови и со кое знаење“, прашуваат од СДСМ.
На денешната прес-конференција на Мицкоски уште еднаш му беше поставено новинарско прашање во врска со прозивките од СДСМ околу неговото образование. Мицкоски тврди дека професионалната кариера, по дипломирањето на Машинскиот факултет во Скопје, со просек 9,61, ја почнал како хигиеничар, по што стигнал до универзитетски професор, а во меѓувреме бил на студиски престој во повеќе европски земји.
„Работев прво како хигиеничар во една приватна компанија, потоа како монтажер на сплит-системи, за потоа да станам инженер за термотехнички инсталации и да добијам понуда да бидам и директор во таа компанија. Потоа, на покана на една моја драга професорка која е сега во пензија, се вработувам на Машинскиот факултет, при тајно гласање – прв случај во историјата на Машинскиот факултет. Се вработувам на истиот како помлад асистент и напредувам“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека во неговиот професионален ангажман на Машинскиот факултет имал студиски престој на универзитетите во Италија, Унгарија, Словенија и докторски престој на неколку универзитети во Германија. Лидерот на опозицијата вели дека бил стипендист на италијанската и на германската влада, како што тврдеше и на средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов, на маргините на самитот на ЕПП во Загреб.
„Никаде, буквално никаде во мојот разговор со господинот Борисов, јас не ја споменувам онаа извртена вистина што за жал СДСМ ја употребува во јавноста“, изјави Мицкоски.
Да потсетиме, на средбата со Борисов, Мицкоски експлицидно рече дека бил стипендист на владите на Италија и на Германија, за да ја поткрепи тезата дека партијата што ја предводи се залага за членство на земјата во ЕУ.
Б. Б.
https://www.facebook.com/boyko.borissov.7/videos/2591682201059834/