Обидите за омаловажување на Уставниот суд, неговиот углед и угледот на судиите, со прејудицирања на судските одлуки, со политички, а не со правни аргументи, не е во интерес на напорите за изградба на владеење на правото и правната држава, велат во денешното соопштение од Уставниот суд.
– На 27.10.2019 година, Уставниот суд на Република Северна Македонија, по поднесената иницијатива за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување, Судот расправаше и донесе Решение за поведување на постапка за оспорениот член од Законот. Постапката по предметот е во тек, се наведува во соопштението.
Уставниот суд, како што посочуваат оттаму, со внимание ги следеше написите, коментарите, изјавите на претставници на одредени државни органи, дел од медиумите и поедини експерти во кои беа изнесени невистини, обиди за прејудицирање на одлуките на Уставниот суд и невистинито информирање за исходот на гласањето, но и необјективни и нестручни коментари.
Судот смета дека со коментарите и прејудицирањата, се врши директен упад и притисок за нормално функционирање на Судот и неосновано се повредува угледот на Судот и честа и личноста на уставните судии.
– Темелни вредности на нашиот уставно-правен поредок, покрај другите, се владеењето на правото и поделбата на власта. За Уставниот суд е неприфатливо некој да се меша или да влијае во неговата работа и одлучувањето. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, се наведува во соопштението од Уставниот суд.