За три дена во Скопје Сити Мол ќе има саем за „Купи куќа, купи стан“ на кој што граѓаните ќе може да се информираат за субвенциите што ги нуди државата и за понудите од градежните компании и на банките на едно место, објави Нина Ангеловска, министерката за финансии.
– Ќе има и претставници од Министерството за финансии за да им помогнат на заинтересираните да го решат своето станбено прашање. Од јуни проектот има значително подобрени услови. Каматната стапка од првите три години на ратата е намалена на 2,9 проценти, додека на 3,9 отсто за четвртата и петата година. Се зголемува и субвенционираното учество од 50 на 70 проценти и има поволности за младите до 35 години, рече Ангеловска.
Таа додаде дека до сега во 2019 има вкупно 97 апликации одобрени, вкупната сума на кредити е 3,6 милиони евра, од кои со 1,1 милион учествува државата.