Чувството кога цела сала ќе ве пречека со аплауз во знак на добредојде на Северна Македонија, идната 30та земја сојузник, пишува за импресиите од учеството на Самитот на НАТО во Лондон, министерот Никола Димитров на својот Фејсбук профил.
Конечно, после многу години обиди, надеж и упорност; по Вилнус групата, САД-Јадранската повелба, неброени циклуси подготовки и извештаи; по оној кобен Самит на НАТО во Букурешт, кога го изгубивме компасот и влеговме во улогата на жртва … конечно сме со земјите членки на масата. Конечно ќе бидеме дел од најмоќната одбранбена алијанса во историјата, која обезбедува стабилност и безбедност за една милијарда луѓе, каде нападот врз една земја членка е напад врз сите (членот 5). Патот беше долг, но апсолутно беше неопходно да се издржи. За нашата татковина.
Делегацијата на Македонија на Самитот на НАТО во Лондон ќе седне на иста маса со лидерите на земјите-членки на Алијансата. Владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев ќе учествува денеска и утре на лондонскиот Самит, на кој се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата. Во состав на владината делегација се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Централно место во програмата е Состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC) на шефовите на држави и/или на влади утре, на вториот ден од Самитот, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата