НАТО ќе одговори на секој вид напад на Полска или Балтичките земји, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Со присуство на силите на НАТО во Полска и во Балтичките земји, ѝ праќаме на Русија многу силен сигнал – доколку дојде до напад на Полска или балтичките земји, целата Алијанса ќе одговори“, рече Столтенберг пред самитот на НАТО, за повеќе медиуми.
„НАТО нема листа на непријатели, но ќе одговори каде и да биде тоа потребно“, истакна генералниот секретар.
САД порано ја повикаа Турција да го поддржи одбранбениот план на НАТО за Балтикот и Полска. Турција до сега одбива да го направи тоа, истакнувајќи дека НАТО треба повеќе политички да ја поддржи Анкара во борбата против курдските сили во Сирија, потсетува британската агенција.
Столтенберг рече дека не се противи на силниот одбранбен став на ЕУ, но додаде дека нема смисла да се обидува да го замени НАТО. Алијансата полни 70 години, а лидерите на 29 членки ќе го одбележат тој јубилеј денеска и утре во близина на Лондон.
Британската агенција констатира дека треба да очекува жестока расправа околу заканите на Турција дека ќе гласа против планот за одбрана на Балтикот и Полска, доколку НАТО не ја признае курдската војска како терористичка, што е малку веројатно, а со оглед на тоа дека токму таа војска помогна во поразот на Исламска држава.
Домаќинот на самитот британскиот премиер Борис Џонсон, се надева дека Трамп нема да се осврне на британските избори, што би можела опозицијата да го искористи.