Во очекување на мислењето на Владата во врска со барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, поднесено од СДСМ, во јавноста продолжува дебатата дали треба да се толкува веќе укинат член од закон, дали треба да се амнестираат политичари, кој ќе поддржи ваков предлог во Собранието, а кој ќе се огради од него.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера испрати писма со барањето за автентично толкување ќе достави до Законодавно-правната комисија и до Владата. Претседателката на ЗПК, Соња Мираковска рече дека ќе закаже седница кога ќе биде доставено мислењето од Владата, а можеби, доколку, Комисијата одлучи ќе биде консултирана и матичното собраниско тело на кое е донесен законот, Комисијата за политички систем. Пленарна седница, како што кажа вчера Џафери, најрано може да има на 11 декември или подоцна, поради собраниските процедури за амандманската расправа за буџетот за следната година.
Според Деловникот на Собранието, откако ќе го достави автентичното толкување до ЗПК и до Владата, ќе се чека мислењето од Владата, по што треба да се состане Законодвано правната комисија. Членовите на ЗПК треба да го разгледаат барањето од СДСМ и мислењето од Владата, и да се одлучат дали ќе го прифатат или не. Доколку оцени за потребно ЗПК може да побара мислење и од Комисијата за политички систем како матично собраниско тело кое првично донело одлука законот да се донесе. ЗПК може да расправа дури и Владата да не достави мислење. Доколку ЗПК го прифати барањето треба да предложи формулација до Собранието, а доколку не го профати, треба да достави извештај. И во двата случаја барањето за автентично толкување завршува пред пратениците.
Доколку има предлог – автентично толкување и заклучок од ЗПК, до почетокот на собраниската седница за предложениот текст може да се доставуваат амандмани, кои ќе се разгледуваат на седницата. Доколку ЗПК го одбие барањето, испраќа извештај до Собранието, кое пак го прифаќа или го одбива. И да нема и да има одлука од ЗПК, Собранието решава дали и какво автентично толкување ќе се донесе. Во двата случаја потребно е просто мнозинство.
Пратениците засега не соопштуваат официјални ставови во однос на барањето, бидејќи како што посочуваат се уште не им бил доставен документот. Најголем дел од нив, не поддржуваат помилувања или аменстии за политичари.
Мираковска, како претседател на ЗПК рече дека барањето за автентично толкување, кое го видела во пратеничката група на СДСМ, се однесува на членот 11 од Законот за помилување.
-Законодавецот треба да го даде одговорот, има одредба, нема одредба, дали тоа значи имање процедура или не, рече таа, а нејзин личен став е дека членот 11 од законот не постои бидејќи е укинат со одлука од Уставниот суд. Според неа, сепак ќе мора да се почека и мислењето на Владата.
На прашањето зошто се бара да се толкува одредба што е укината, Мираковска вели дека „можеби нема да се толкува“.
– Тоа е одлука која треба да се донесе – дали ќе се толкува или не. Но, во секој случај како ЗКП можеби ќе побараме мислење од матичното работно тело (Комисија за политички систем), а ако се договориме и од Владата, рече Мираковска.
Пратеничката Снежана Калеска-Ванчева ги повика сите пратеници, пред се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, во името на заштитата на правдата, да го поддржат барањето на СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.
-Најважно во овој момент е да се затвори нелегалната аболиција на Иванов и да се обезбеди одговорност пред законите на сите оние коишто ги прекршиле, рече таа повикувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да ги повика пратениците да гласаат за барањето, а потоа може да се дискутира и за други предлози. Обвини дека по последните скандалозни случувања во правосудството јасно покажуваат дека и зад најавите од Уставниот суд, стојат структури на ВМРО-ДПМНЕ и дека Мицкоски работи во корист на неговиот ментор од Будимпешта.
Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски нејасно е зошто барањето за автентично толкување на СДСМ се однесува на членот 11 од Законот за помилување, кога Владата го коментира членот 11-а од Законот.
– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го следи ставот на претседателот на партијата, и инсистира да се прифатат нивните барања со закон да се забрани занимавање со политика на аболицирани политичари. Ќе поддржиме иницијатива за да се стави крај на злоупотребата на механизмот аболиција и ги повикувам сите пратеници да направиме заеднички исчекор и да се стави крај на сите политичари кои во минатото биле аболирани или аменстирани, рече Мицевски.
Барањето ќе се разгледа откако ќе се добие мислење од Владата, а неговите очекувања, како што кажа, се дека ќе има „некои игри“ кој се и како се треба да биде опфатен со тоа автентично толкување.
-Се толкува само членот, а не се даваат дополнителни мислења или сугестии или што се треба да опфати тоа. Да го добиеме прво мислењето од Влада, да го разгледаме и ќе го имате ставот. Начелниот став на ВМРО-ДПМНЕ го кажа претседателот на партијата Христијан Мицкоски, рече координаторот на пратеничката група Мицевски.
Прашан кој е ставот на ДУИ во однос на автенитчното толкување на член 11 од Законот за помилување Артан Груби вчера по седницата на централното претседателство на партијата рече, дека воопшто не било разговарано околу тоа прашање.
– Останува тоа прашање да се дебатира во Собранието како и во Уставен суд. Лично сметам дека е дојдено време политиката што помалку да се меша во судството и судството што помалку да се меша во политиката и сите да си ја вршат својата работа согласно Уставот и согласно законот. Сметам дека треба да има одговорност за сите тие што згрешиле по законот, изјави Груби.
Во Собранието, посочи Груби, секако дека ќе се разговара, ќе се дебатира и на крајот ќе се гласа.
Пратеникот Фадил Зендели од Беса, кој е член на Законодавно-правната комисија, изјави дека не може да каже официјален став за барањето на СДСМ за автентично толкување бидејќи не го добил, но вели дека принципиелно е против помилување и оти тоа што сега пред избори се прави е препукување или калкулации на политичките партии.
-Имајќи го предвид моментот кога е отворена иницијативата и дебатата во Уставниот суд, сега кога веќе се најавени наредните избори, ова се прави за политички препукувања или калкулации на политичките партии. Неспорно е дека лично како пратеник и како политичка партија сме биле против амнестија, затоа што сметаме дека државата и правосудните институции треба суштински да се борат со криминалот и корупцијата во државата, а не да има амнестија, а не да има аболиција. Ова посебно ако се работи за политичари од висок профил, вели Зендели.
Пратеникот Сурија Рушити од Алијансата на Албанците денеска изјави дека нивниот став во однос на помилувањата е конзистентен и дека тие сметаат оти треба да има суштинска борба против криминалот и корупцијата во државата.
Во однос на барањето за автентично толкување на СДСМ за членот 11 од Законот за полмилување, Рушити рече дека пред да го коменира сака да го погледне официјално документот кој се уште не му е доставен.
И Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ се уште нема изградено став. Емилија Александрова кажа дека вчера во Собранието не биле сите пратеници од нивната пратеничка група и оти затоа немаат изградено став. ев/са/