Целта на СДСМ е еднаш засекогаш да се затвори нелегалната аболиција од Ѓорге Иванов, против која застанаа сите слободоумни граѓани, рече на прес-конференција пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, додавајќи дека денеска пред собраниската Законодавно-правна комисија е барањето на нејзината партија за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.
„Ги повикуваме повторно сите пратеници, особено од ВМРО-ДПМНЕ, да покажат одговорност и да го поддржат Барањето за автентично толкување. Особено сега откако Владата го усвои мислењето да се прифати иницијативата, а Уставниот суд ја одложи расправата за поднесената иницијатива која е обид за враќање на аболицијата на Иванов“, порача пратеничката од владејачката партија.
Како што рече таа, јавноста знае дека зад аболицијата на Иванов стојат структури на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ниту тогаш ниту пак сега има правна можност да се даде такво помилување и обидот на Иванов за аболиција е незаконски и ништовен. Актуелните случувања во судството покажуваат дека прво мора да ја затвориме нелегалната аболиција на Иванов, а потоа да се посветиме на реформи во судството и целосен ветинг врз судиите и обвинителите“, нагласи Калеска-Ванчева и го повтори ставот дека СДСМ нема да дозволи амнестии бидејќи мора да има одговорност за сите кои се огрешиле.