Не успеа планот на ВМРО-ДПМНЕ да ја врати аболицијата на Ѓорге Иванов. Не успеа ниту планот на опозициската партија да ги спаси криминалците од своите редови. ВМРО-ДПМНЕ од 2015 година па досега тврдеше дека одлуката на Иванов е исправна и врз основа на постоечки член. Законодавно-правната комисија го потврди тоа што СДСМ со години го тврди, дека членот 11 на кој тој ги темелеше помилувањата не постои во правниот систем, се наведува во соопштението на СДСМ.
„Вчера на седницата на Законодавно-правната комисија без збор, без дискусија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа дека не постои таков член односно дека Иванов надвор од законот аболицирал врз основа на непостоечки член. Сега е тоа официјален собраниски документ кој потврди дека помилувањата на Иванов се незаконски и со тоа ништовни. Ниту тогаш ниту пак сега има правна можност да се даде такво помилување и аболицијата на Иванов е незаконска и ништовна“, се вели во партиското соопштение.
Од владеачката партија велат дека СДСМ не дозволи да оживее незаконската аболиција на Ѓорге Иванов.
„СДСМ не дозволи и нема да дозволи нови амнестии, одговорност за сите мора да има“, се потенцира во соопштението.