„Ние, ЦИВИЛ, им се придружуваме на сите активисти и активистки во одбележувањето на борбата на човековите права и слободи, како во Република Северна Македонија, така и во светот, бидејќи сите сме засегнати. Нашата земја сè уште се соочува со тешките последици од авторитарниот режим, кога структурното насилство, изборните кражби, кога омразата и поделбите беа наше секојдневие. Затоа сега е исклучително важно, за сите нас, и во нашата земја и секаде во светот, да знаеме дека вклучувањето на секој поединец е исклучително важно и пресудно. Ние се бориме за човековите права на индивидуите, на секој поединец, на сите групи, на сите заедници подеднакво. Ние не ги делиме човековите права, тие сите заедно се поврзани, и не можат да се одвојат. Не можете некому да му дадете некое право повеќе, а друго да му ускратите. Човековите права се неделиви, тие не можат да се почитуваат помалку или повеќе… Борбата за човекови права се одвива секаде, во училниците, во амфитеатрите, во соседставата, во маалата, во кафеаните, во фабричките xали… насекаде. Затоа е важно да кажеме дека едукацијата и искрениот разговор се првите чекори. Ние мораме да се бориме против дискриминацијата, мораме секојдневно да се залагаме да ги надминеме поделбите меѓу луѓето, заради тоа што човековите права и слободи се кршат прво овде ( во главата, во свеста), а потоа на институционални нивоа. “, изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, на Фестивалот на слободата во Музеј на Град Скопје, а по повод Меѓународниот ден на човековите права и слободи.
Дерала посочи дека човековите предрасуди се надминуваат најпрво лично, во свеста на секој поединец, а потоа и институционално.
„Кога ќе дојде тоа до бироата на полицијата и Обвинителството, тоа значи дека е касно, дека сме промашиле, не сме успеале, сме пропаднале“; рече Дерала.
„Аритметички, докажано е дека протестите, активноста на граѓаните, гласноста, работат и функционираат“, рече Петрит Сарачини.
„ЦИВИЛ вè охрабрува да бидете гласни. Сите ние сме различни и имаме различни размислувања, но треба да го кажеме тоа што го мислиме. И секогаш треба да внимаваме да не повредиме нечие туѓо право. Тоа е границата на човековите права и на слободата… ако воопшто постои граница“, рече Сарачини.
Фестивалската вечер вклучуваше богата мултимедијална програма: настап на авангардните Фолтин, ДЈ сетовите на Соња Исмаил, Марга Сол, ДЈ Дино, активистички филм-фест на успешни стории што го менуваат светот, изложба на фотографии и уметнички дела, поетско – сценски перформанси и други изненадувања.
ЗБОРОВИ. ДВИЖЕЊЕ. беше насловот на програмскиот блок со поезија и перформанси на актерката Владанка Димковска и Петрит Сарачини.
Паралелно со сите овие содржини беше поставена и говорница, каде говореа активистки и активисти, граѓанки и граѓани, другарки и другари, јавни личности, политичари и уметници кои имаат можност на отворениот микрофон да зборуваат на една од темите: човекови права, граѓанско учество или, едноставно, да кажат некоја мисла поврзана со нивното искуство во или со ЦИВИЛ. Свој придонес во овој дел дадоа новинарот Томислав Кежаровски, активистката Симона М. Живкова, Дехран Муратов, новинарот Арбен Зеќири, и други активисти од ЦИВИЛ.
Дел од програмата на фестивалот беше и активистичката филмска програма ОБЈЕКТИВОТ НА ПРОМЕНАТА на кој беа проектирани видео содржини од успешни активистички приказни од земјата и од светот.
Идејата зад овој фестивал е одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права и слободи, но и 20-годишнината од постоењето и делувањето на ЦИВИЛ.
И.Т.З.
https://www.facebook.com/civil.mk/videos/457180291654468/