Петчлена комисија со петгодишен мандат ќе ги бира државните секретари и директорите и нивниот избор нема да биде ексклузивно право на Владата или министерот. Мандатот ќе трае пет години за да го опфаќа работењето на две Влади, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната прес конференција во Влада.
„Членовите на комисијата ќе терба 4 години да не се поврзани со политика, да имаат 15 години стаж во човечки ресурси, да се стручни, да можат да се спротистават на политички и корпоративни влијанија. Нивната плата ќе изнесува три просечни плати и не смеат да имаат друг ангажман. Сослушувањето на кандидатите за членство во оваа комисија ќе се врши јавно, ќе се емитува на собраниски канал. Ова е тектонска промена во начинот на избор на лица на високораководни позиции “, рече Манчевски.
При изборот на лица за високораководни позиции, од пријавените на огласот, Комисијата ќе избира три лица од кои Владата ќе бира еден. Ако од трите кандидати една е жена, таа ќе биде избрана.