Осум возила „дачиа дастер” денеска донираше Германија за потребите на Министерството за внатрешни работи. Возилата се со вредност од околу 130.000 евра, а ќе се користат за граничната полиција.
Од МВР соопштија дека заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу од амбасадорот на Германија Ото Граф, примил дел од донацијата од Договорот за донација меѓу Министерството за внатрешни работи на Македонија и Сојузното министерство за внатрешни работи, градежништво и татковина на Сојузна Република Германија потпишан на 10 октомври 2019 година.
– Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на Сојузна Република Германија за поддршката на Министерството за внатрешни работи на Македонија во вид на донации на техничка помош и возила, со кои значително се подобри операбилноста на нашата полиција, а особено на граничната полиција во вршењето надзор и унапредување на безбедноста на државната граница, како и во насока на успешно справување со предизвиците од илегалната миграција – рече Нухиу.