Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, не го гласаат Законот за одбрана, бидејќи на него стои името Северна Македонија, а од друга страна поднесуваат илјадници амандмани под истото име, со кои ги блокираат реформите во правосудството и Изборниот законик.
СДСМ денеска ги повика пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да одговорат зошто заради истото име блокираат важни закони на различни начини.
„Како оди ВМРО-ДПМНЕ на конгрес кај сестринските партии под името Република Северна Македонија? Како на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не им пречи да земаат плата од Република Северна Македонија? Како поднесуваат илјадници амандмани под името Република Северна Македонија, за да ги блокираат судските реформи само за да заштитат криминал?”, ги праша денеска пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој преку говорницата во прес-центарот во Собранието ги повика да го гласаат Законот за одбрана и ги потсети неговите колеги дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги прифатил како Преспанскиот договор, така и Договорот за добрососедство со Република Бугарија.
„Ако решила ВМРО-ДПМНЕ да ја блокира нашата земја во евроинтеграциските процеси, нека ѝ служи на чест!” , рече Костадинов.
Во новиот закон за одбрана се предвидуваат прилагодување на земјата за полноправно членство во НАТО, а се предвидуваат и платени додатоци за војниците.
А. Зеќири