пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Сте го гледале ли “Inglourious Basterds” од Тарантино, со Бред Пит како Алдо и Кристов Волц, како нацистот Ханс Ландо? Вчера го репризираа пак.
Се сеќавате ли како полковникот Ландо ликуваше, цело време (сѐ до крајот), со сите тие информации и препредени планови што ги имаше толку добро осмислено, за да ги заеби и нацистите и Американците, да остане жив и со почести?
Накратко, за тие што не се сеќаваат: Екипата на Неславните копилиња на американскиот поручник Алдо, се обидува да влезе во кино сала каде што ќе биде и Хитлер, за да изврши атентат над Хитлер и над сите високи нацистички офицери и така да ја заврши Втората светска војна. Дејството се случува во град во Франција. Нацистичкиот полковник Ландо (безмилосно и итро копиле), им ја осуетува намерата на Американците за време на самиот настан и кога сите очекуваме да ги спречи и да ги стрела на лице место, нацистот Ландо прави салто мортале – се согласува Американците успешно да ја завршат мисијата, но за возврат бара: да го префрлат во Америка, да е заштитен од Американците и прогласен за херој заслужен за прекинување на Втората светска војна, и куп други бенефиции, за да живее лагоден и убав живот. Американсците секако се согласуваат со тоа, зашто, нели, се спасуваат милиони човечки животи, фашизмот завршува и светот добива уште една шанса. Се разбира, гадурата Ханс Ландо е колатералната штета што треба да ја проголта вистината, но кога се работи за повисоки цели, историјата памети секакви компромиси.
Но, не и Алдо. Алдо не прави компромиси, нема да го остави нацистичкиот полковник да ужива во животот што си го замислил. Тоа предавничко копиле, нема да му куртили на водачот на Неславните копилиња.
Ви текнува на сцената како, на крајот, Алдо го маркира Ханс Ландо гравирајќи му кукаст крст на чело, за да не може копиљот да го скрие својот вистински идентитет никогаш повеќе?
Е, претпоставувам, слично ќе заврши и овој „наш“ препреден и дегенерички копиљ, кој направи обрат во своите политички и човечки ставови, не водејќи ама баш никаква сметка за штетата што при тоа може да ја нанесе во борбата за нормалноста.
Но, на таа „природна грешка“, нема потреба некој друг да му ја отслика свастиката на челото, тој доста умешно сам си ја изгравира директ по средината од грдиот му форхенд.
Репликата која е прикладна за ова сега, е исто од филмот, и за иронијата да е уште поголема, ја кажува полковникот Ханс Ландо лично и оди вака:
– Одвреме-навреме, во историјата, судбината ти подава рака.
Ти, грд копиљу, не знаеше да ја прифатиш.
Кај нас филмот го преведуваат – Неславни никаквеци, Неславни копилиња, па дури и Невидени копуци.
Ремек дело од филм.
Сите права се задржани.