пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Неодамна, во Дрезден беше прогласена вонредна состојба.
Не поради некакви временски неприлики или други елементарни непогоди. Ниту поради инвазијата на гастарбајтери од далечните вонземски цивилизации.
Или поради големиот интерес за концертот на Некст Тајм.
И за гостувањето на Кикифрики и Сотир Костов на централната телевизија.
Не!
Во главниот град на федералната покраина Саксонија, инаку центар на десниот популизам и антиисламизам, вонредната состојба е прогласена поради нацизмот.
Да, да, добро читате: Властите на Дрезден сметале дека градот се соочува со феноменот на неонацизмот и дека тоа чудовиште добило размери на кои демократскиот свет може и мора да им се спротивстави со прогласување на вонредна состојба.
На Македонците во Дрезден и насекаде по светот, им е јасно дека тоа било можно затоа што во градскиот совет нема ниту еден одборник на вмро-дпмне.
А, колку што е познато, ги нема ниту интегративците на Али Ахмети.
Но, поважно од важноста на македонското отсуство во германските работи, е прашањето: Што значи воведувањето на вонредната состојба!?
Што тоа значи!?
“Тоа значи дека имаме сериозен проблем. Слично како и кај вонредните состојби поради климатските промени. Отвореното демократско општество е загрозено”, вели Макс Ашенбах, човекот кој учествуваше во пишувањето на резолуцијата за вонредната состојба против нацизмот.
Ашенбах вели дека усвојувањето на резолуцијата било неопходно затоа што политичарите не биле доволно јасно поставени против крајната десница. Освен тоа, тој нагласува дека со донесувањето на резолуцијата одборниците покажале дека се посветени на зачувувањето на „слободното, либерално, демократско општество кое ги штити малцинствата и ја засилува демократијата“.
Само еден месец по дрезденската резолуција, слична опасност почувствуваа младите луѓе во Болоња, главниот град на италијанската покраина Емилија Ромања. За Болоња, Салвини е тоа што Ханибал беше за Рим. Ханибалот на десниот популизам и фашизам, се заканува да ја освои традиционалната тврдина на левата опција и да ја искористи како платформа за освојување на власта во цела Италија.
И луѓето решија да се организираат.
Движењето „Сардини“ собира илјадници луѓе кои на демонстрации ширум Италија се спротивставуваат на агресивниот популизам на лидерот на крајната десница Матео Салвини пред клучните регионални избори во јануари. „Сардини” сакаат да ги разбрануваат Италијанците, да ја оспорат штетната антиимигрантска реторика на Салвиниевата Лига која доминира на општествените мрежи и се обидуваат да ја воведат општествената пристојност во јавните расправи.
„Сакаме да покажеме дека можеме популистичкиот змеј да го победиме со идеи, со нашиот мозок“, вели Матија Сантори, еден од четворицата млади Италијани кои се идејни творци на групата „6.000-Сардини“.
Спонтаните собири кои се спротивставуваат на реториката на поделбите нудат модел кој би можел да биде применет на кое било друго место во борбата против тврдата десница, оценува уредничката екипа на „Гардијан“ – стои во анализата на италијанскиот антипопулистички феномен што ја направија во Слободна Европа.
Македонија беше пред Германија и пред Италија во отпорот кон популистите во сопствените редови. Шарената револуција беше таков феномен. Од европски калибар. Пред три години завршивме голема работа. Го симнавме од власт злото викано вмро-дпмне. И Големиот чипиран идиот, носителот на црн појас стоти дан, Николче Груевски.
Но, не го поразивме.
Прво, темелно хистеризираниот, психотичен народ, не се осмели радикално да се одлепи од својот смртоносен крлеж на последните парламентарни избори, второ, новата власт мислеше дека злото не треба да се победува, туку да се интегрира или да се победи така што ќе се интегрира и во таа смисла одби да ја искористи приликата која истиот тој, но подразбуден народ и ја пружи на последните локани избори, трето, злото си беше оставило добра отстапница оставајки метастазирани инсталации и еден комплетно криминализиран правен систем, проблеми кои беа несовладливи во комбинација со беневолентната политика на Заев, четврто, таа политика, со сите слабости во таа смисла, се чини, сепак, беше безалтернативна, но, за жал, беше придружувана со низа слабости кои и го поткопаа антизлосторничкиот капацитет, потенцијал и кредит и петто, обидите за преживување на злото по изборите наидоа на добра акомпанираност кај разочараните пријатели на новата власт. Тука, во тој комплот од ситуации, процеси и состојби, се родени новите опасности. Тие во Македонија се множат со коефициент милион затоа што злото на популизмот и национализмот ја води Македонија во тотална деструкција.
И затоа е време да се реорганизираме.
Време е да прогласиме вонредна состојба против вмровизмот.
Тоа е нашиот еквивалент.
Без трунка претерување.
Мораме да влеземе во битка против злото на вмро-дпмне односно против вмро-дпмне како зло.
Да го поразиме со идеи и со нашиот мозок (Сантори)
Тоа не значи дека другите деноминации на злото, вклучително и оние во крилото на Заев, ќе ги оставиме раат. Не, но генералниот судир е судирот со вмро. За обнова на Македонија, за потврдување на брејкот што е направен со НАТО и, се надеваме со ЕУ, за културна, економска и морална обнова на земјата и на општеството што се обидоа да ги уништат казнените чети на вмро-дпмне.
И уште се обидуваат.
Ќе го поместам тука коментарот на некој си Сандокан Митрески под мојот статус за пелените на внука ми Кира:
„Подобро да и дадат ланате, да вришти додека умира. Оти утре ќе стане предавник, луда комуњара. Тоа треба во корен да се сосече.“
Ви се верува ли дека е можна ваква објава!?
И дека освен мојата пријателка од Тексас, Маргарет Гордон, никој не реагира.
Објавата е од Центарот за контаминација. Тоа се знае. Коментарот не е на некој слободен радикал, будала, умоболник. Коментарот е на вмро-дпмне.
Јас не велам дека Христијан ќе убива деца.
Не!
Но, тој артикулира една (не)култура која се изразува низ вакви неверојатни грозомори и која е материјална сила на неговата политичка амбиција. Човекот на кого некој му рекол дека ќе биде режисер, сега скоро се просеруваше не само на филмското платно со некаков смрдеж, туку и во комуникацијата на социјалните мрежи истапи со слични содржини. Бившиот конзул и амбасадор на вмро-дпмне, вади пушки манлихери и се заканува дека ќе убива сѐ живо и диво што не е вмро. И Чафкоф испрати некакви закани. Од затвор.
Ова не се инциденти.
Ова е платформа.
И затоа мораме да се организираме.
Не мора да се викаме сардини.
Макар што опасностите по нас се китовски опасности.
Тоа име е исполнето со многу симболика затоа што сардините се бранат така што го згусниваат јатото. Колку се позбиени, побројни и поединствени, толку се посилни и нивните шанси се поголеми.
Но, ние можеме да се викаме и ореви.
Или комарци.
Кои напаѓаат дури не го примораат натрапникот да го напушти нивното мочуриште.
Сите права се задржани.