Министерството за образование и наука ќе прави измени во учебникот по социологија за втора година средно образование, кој вчера и денеска предизвика лавина реакции во јавноста. Станува збор за содржина која ја дискриминира жената, односно тврди дека ако жената е затворена дома, таа нема можност да прави кривични дела, пренесува МЕТА.
Планот на Педагошката служба за ревизија на учебниците го содржи и овој учебник по социологија и до почетокот на учебната 2020/2021 година неговата содржина ќе биде соодветно измената,а по повторното печатење учебникот ќе биде дистрибуиран до училиштата, информираат надлежните во Министерството за образование и наука (МОН).
Оттаму додаваат дека МОН ја имало и ќе има потреба од поддршка и помош во процесот на унапредување на содржината на учебниците и тоа најмногу од оние кои секојдневно ги применуваат – наставниците и самите ученици.
„Во таа насока, уште во 2017 година Министерството, односно Педагошката служба спроведе анкета помеѓу наставниците во основните и средните училишта со цел да достават сугестии, да укажат на забелешки од сите можни аспекти во врска со содржината на учебниците кои се одобрени и се применуваат во наставата, заради пристапување кон нивна корекција и ажурирање. За учебниците за кои добивме забелешки беше спроведен процес на корекција и повторно печатење во 2018 година, но меѓу нив не беше и учебникот кој денес е предмет на повеќе медиумски текстови, односно за истиот не беа доставени забелешки“, појаснуваат оттаму.
Забелешки за овој учебник, велат, неодамна беа доставени од Бирото за развој на образованието.
„Причините за различното учество на жените во криминалитетот се објаснуваат со општествената положба на жената. Ако жената е затворена во домот и нема никакви јавни улоги, таа нема можност да прави кривични дела. Жената на тој начин е заштитена од многу комуникации, одговорности, ангажмани, натпревари, конфликти и е упатена да се грижи за семејството, а со тоа помалку е изложена на влијанието на објективните криминогени фактори. Во услови на поголема општествена активност можно е да дојде до поголема криминална активност особено кај некои видови кривични дела“, пишува во учебникот.
Целиот текст можете да го прочитате тука.