Собранието попладнево го изгласа Законот за данок на моторни возила со кој се предвидува промена во системот на оданочување на моторните возила, пренесе МИА.
Покрај вредносната компонента при оданочување на моторните возила данокот ќе се пресметува и врз основа на еколошката компонента која ќе произлезе од износот на просечната емисија на јаглерод диоксид – CO2 изразена во грамови по километар.
Според Владата, тоа ќе придонесе за користење на моторни возила со пониска емисија на CO2, ќе се стимулира увозот на нови и еколошки возила што понатаму ќе овозможи намалување на загадувањето на воздухот односно создавање на здрава животна средина за сите граѓани во држвата. Истовремено ќе придонесе и кон обновување на возниот парк.
Се очекува дека одредбите на Закон за данок на моторни возила ќе предизвикаат позитивни фискални импликации врз Буџетот имајќи предвид дека предметот на оданочување нема да се однесува само на патничките автомобили туку опфатот се проширува и ќе се однесува на моторните возила. Дополнително, се воведува и нова компонента на оданочување, односно покрај вредноста данокот на моторните возила ќе се пресметува и врз основа на просечната емисија на јаглерод диоксид – СО2 , така што нема да може однапред да се предвиди колку ќе изнесуваат фискалните имликации.