од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Фрапантно е признанието дека навивачката група Комити всушност и не ти била спортска и навивачка, туку политичка. Или барем оваа генерација водство на Комитите, еве, предизборно, е со таква амбиција. Тоа ултиматумот што тие му го испорачаа на македонскиот претседател како одговор на неговиот обид наместо на раскараните трибини над зелените фудбалски терени, на зелена пријателската маса мировно да ги седне најверните навивачи на најуспешните македонски фудбалски клубови, на самиот старт доживува дебакл.
Се покажува дека една најдобронамерна идеја не може да биде добра. Во кабинетот на претседателот на државата би требало, ама не процениле, дека во актуелното водство на Комитите нема ниту „н“ од навивање и нити „с“ од сакање на нивниот и наш Вардар. Туку само есенција, концентрат на компримиран и изветвен национализам и обичен примитивен партизам во кој нема ниту „п“ од патриотизам. Па така, тука нема место ниту за „с“ од сакање на спортот, ниту пак за „н“ од навивање во спортот. Со уценувачките услови за средба во претседателската резиденција, најверните скопски вардарови навивачи во својот политички памфлет испорачаа грст нелогичности, чиста политика.
Испорачаа неразбирливи барања како она за „Никогаш Северна“, во сите документи да стоело само „Република Македонија“ и никако поинаку. Додатно, некакви други, многу задоцнети барања. Нивните навивачки опоненти од другите националности да ни ги признале јазикот, унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет и сличните уставни атрибути. Допрва некој, па дури и ненадлежен и од никого овластен за такви небулози, да ни признал некакви дребулии, нешто што е завршено пред скоро три децении и што, во својот партиско навивачки занес, дечкиве од врвот на Комитите очигледно го преспале.
Клубот за кој нели навиваат со сето срце е регистриран во државата Северна и нивниот и наш сакан клуб не може да мрдне надвор од Македонија без „Северна“. Ниту пак може однадвор, од меѓународните фудбалски федерации, на пример, да добие допис, покана, регистрација, било што, без оттаму да не му се обратат со додавката „Северна“ и тоа исто онака како до скоро со она понижувачко ФИРОМ. Со својата уникатна вардарова љубов, ова водство на скопската навивачка група како да останала во `903-та. А ваму пак, сега, во оваа 2019-та, сакаат нашиот Вардар да го видат на европските терени.
Не бидува тоа. Во спортот и во навивањето не бидува со евтина политика. Тоа што со иницијативата да ги мири навивачките групи претседателот на државата си ја зема бељата, си ја зема. Требаше однапред да знае со кого си има работа. Туку, ова сегашно водство на Комитите, некој сепак ќе треба да го разбуди. Македонија гази во 21-от, а тие ретерираат во 19-тиот. Мала разлика, само цели сто и кусур години.
Затоа, Комити, баталете тоа партиските штабови зашто спорт, љубов и политика – е тоа не оди заедно.