Голготата на новинарот Томислав Кежаровски е еклатантен пример за функционирањето на спрегата режим (власт) – суд. Настаните поврзани со неговиот случај се експлицитна слика на суровоста и бескрупулозноста на едно време каде судиите од „тевтерчето“ се во јаслите на врхушката на власт. Не почитувајќи никакви професионални и етички стандарди судот под диктат на власта им ја пееше посмртната песна на слободата на медиумите. Жртва мораше да има, за да послужи како пример, за да се замолкни она што остана гласно да говори за режимското владеење на Никола Груевски. Жртва беше Томче Кежаровски.
Како се одвиваа настаните, и кој беше одговорот на новинарите и другата прогресивна јавност:
По два и пол месечен притвор, новинарот Томислав Кежаровски ја даде својата одбрана во Основниот суд Скопје 1. Првото судење започна на 9 август 2013. Томислав Кежаровски во октомври 2013 година беше осуден на 4 и пол годишна затворска казна за наводно оддавање идентитет на заштитен сведок. Во ноември истата година Кежаровски после 5.5 месеци притвор е пуштен во домашен притвор до извршување на затворската казна.
„Единствената причина поради која е осуден новинарот Томислав Кежаровски е поради неговото истражување за смртта на сопственикот на весникот Фокус, Никола Младенов“, изјави адвокатот на Кежаровски, Андреа Радиновски
Кежаровски го товареа дека во новинарски текст од 2008 година го открил идентитетот на заштитен сведок во случајот „Ореше“, судски процес за убиство на велешанецот Лазо Милошевски.
Томислав Кежаровски изјавува:
Нема загрозено ничиј живот, само си ја извршував новинарската работа. Преку моите текстови открив како функционира судството и како функционираат структурите на МВР.
Човек со дебело полициско досие кој лежел во затвор за разбојништво станал заштитен сведок кој го штитеше и издржуваше државата. Заштитениот сведок Арсовски, потоа решава да си го открие идентитетот и рекол дека лажел под присила на полицијата и инспектори од ДБК. И покрај тоа што е лажн сведок кој во меѓувреме е осуетен и од новинарот Кежаровски, новинарот е обвинет поради обелоденување на идентитет на лажен заштитен сведок.
Кежаровски е приведен во затворот Шутка на 1 јуни 2013 година
На 3 јуни Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски од притвор достави барање за средба со претседателот на Судот, Владимир Панчевски и побараа одговори на нејасните одлуки поврзани со приведувањето и одлуката за притвор. Иницијативата е поддржана од Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и од Македонскиот институт за медиуми.
Огромен број од колегите новинари (освен се тогаш прорежимските), стручната и објективната јавност, тврдат дека нема кривично дело, затоа што сведокот воопшто не бил заштитен во моментот кога е објавен текстот, а сведокот подоцна изјавил дека од полициски структури бил принуден лажно да сведочи.
На 25 јули, новинарите пред Кривичен суд излегуваат на протест за ослободување на Кежо со паролите „Глад за слобода!“ и „Колку пари чини животот на Кежо?“
Во октомври 2013 година, додека новинарот Кежаровски сè уште е во притвор, Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски, повика на протест со молк и во црно, закажан Пред Музејот на ВМРО.
(видео: Јане Ѓорѓиоски)
Силни полициски сили спречуваат новинарите да се приближат до зградата од Музејот на ВМРО. Новинарите се обидуваа да го пробијат полицискиот кордон, на што реагираше полицијата со дополнителна единица.
Протестот беше спречен.
На ослободување на Кежаровски од притвор, но и на преиспитување на пресудата повикаа повеќе домашни и странски невладини организации и ОБСЕ.
Амбасадорките на Германија и Холандија реагираа и изразија загриженост за спречениот протест. Професорот на правниот факултет и претседател на МАНУ академик Владо Камбовски изјави дека пресудата би паднала во судот во Стразбург.
Организацијата за медиуми во Југо-источна Европа СЕЕМО бараше итно ослободување на Кежаровски. Највисоки казни за новинар кој открил „заштитен сведок“ во Европа, биле 3 месеци затворска казна и 10.000 парична казна.
Во јануари 2015 година Апелацискиот суд му ја намалува казната на 2 години и истиот месец е упатен на издржување на затворската казна. Бидеќи во затворската казна му е пресметано и времето на издржување на казната притвор, на Кежаровски му преостануваат да одлежи уште 3 и пол месеци.
На 20 јануари 2015 година пред Апелацискиот суд во Скопје, се одржа протест против затворањето на новинарот Томислав Кежаровски. Мирниот протесет имаше масовна посетеност.
Беа „ослободени“ стотици бели балони, на кои секој учесник во протестот напиша лична порака, маски со ликот на осудениот новинар, пораки „И јас сум Кежаровски“ и уште толку пароли со апел за негово ослободување, беа дел од атмосферата на големиот протест во организација на новинарскиот Синдикат, ЗНМ и Иницијативниот одбор за ослободување на осудениот новинар Томислав Кежаровски. Освен новинари, слобода за Кежаровски и за медиумите побараат и студенти, професори, невладини, синдикални и активисти. За време на протестот, иницијативата Ајде! спроведе акција за собирање на добротворен прилог за семејството на Кежаровски.
На протестот присутен е и Кежаровски. Поради влошување на здравствената состојба Кежаровски е привремено пуштен од затвор и наложено му е да се врати на 18 февруари 2015 година
Паралелно со протестот во Скопје, активности за поддршка и солидарност се организираа и во Брисел. Генерален секретар на Европската федерација на новинари, му порача на Кежаровски дека ЕФН е посветена на неговиот случај, во овие тешки времиња за европските новинари. Рената Шредер, директорка на ЕФН, изрази шокираност од пресудата.
Во протестот се придружија и голем број невладини организации за заштита на човековите права и слободи. Една од нив е и „Цивил“ – Центар за слобода: „Неволјата на новинарот Кежаровски и страдањето на неговото семејство се и наши! Лишувањето од слобода на нашиот сограѓанин и колега – е лишување од слобода за сите нас. Затоа, извикуваме: Ние сме Кежаровски! Слобода за Кежаровски!“
Кежаровски ја отслужува затворската казна.
По една деценија судска голгота за случајот „Ореше“, на 1 ноември 2017 година Велешкиот суд донесе ослободителна пресуда за обвинетите.
Новинарот Томислав Кежаровски, кој за случајот „Ореше“ во притвор помина една година и девет месеци за пресудата рече:
„Во образложението на пресудата се наведува дека „заштитениот“ сведок ниту бил заштитен, ниту загрозен, туку бил лажен, кој сведочел по налог на тајната полиција, така како што напишав во неделникот „Репортер 92“, а за што бев осомничен, обвинет и осуден на затворска казна. За што скапував по затворските ќелии? За што го изгубив здравјето? И сега обвинителке Лиле Стефанова, што ќе правиме? И сега господо судии Тања Михајлова, Ѓоко Ристов и Дијана Груевска-Илиевска што ќе правиме? Што ќе кажете во своја одбрана?“
Ј. Ѓорѓиоски